Граѓаните да се вклучат во заштита од поплавите

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и заменик министерот за економија Кристијан Делев денеска ги посетија најкритичните села во Струмичкиот регион зафатени од поплавите.

Како што изјави министерот Спасов, вработените во центрите за социјални работи вршат интензивна посета во поплавените региони.

– Ние ги детектираме потребите на поплавените семејства со цел да им помогнеме и да ги снабдиме со потребните материјали, храна, облека, покуќнина и се она што им е потребно. Дополнително, апелирам до жителите во поплавените места да се вклучат во помошта на армијата, да не дозволиме поголеми штети, рече Спасов.

Според заменик министерот за економија Кристијан Делев, будно се следат состојбите во струмичко, посебно на двете акумулации, а се преземаат неопходните мерки за подигање заштитни бариери во што е вклучена механизацијата на Армијата на Република Македонија.

– Веќе се започна со контролирано испуштање на 15 кубни метри вода од акумулацијата Турија и во исто време механизацијата на АРМ подига заштитни бариери покрај селата Добрашинци, Пиперево, Просениково и Муртино, изјави Делев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.