Гран при на „Мал битолски Монмартр 2021“ за „Училиште 1955“ од Москва

Стручно жири на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ одлучи наградата Гран при за 2021 година да биде доделена на ученици, млади ликовни таленти од „Училиште 1955“ од Москва, Русија.

Жирито годинава ја востанови наградата „Коста Хаџи Антоновски“ во чест на наодамна починатиот творец на меѓународната ликовна манифестација Коста Хаџи Антоновски, и таа награда за долгогодишно учество, соработка и придонес ќе биде доделена на Теодолинда Пасквал „Теоартис“ од Евора, Португалија.

Стручното жири одлучи наградата за животно дело „Богомил Карлаварис“ да биде доделена на Славко Жупан од Љубњана, Словенија, а јубилејни специјални награди се доделуваат на унгарскиот културен центар „Непкер“ од Суботица и на Гордеј Мурашко, ученик во московското „Училиште 1955“.

За јубилејното 40. издание на „Мал битолски Монмартр“ годинава се пријавија 453 училишта со 13.737 цртежи кои ги испратија од 33 држави во Европа и светот.

Според востановената традиција меѓународната ликовна колонија ќе почне со меѓународна изложба која според организаторот ќе биде отворена на 23 мај во просториите на Националната галерија на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ во Битола.