Грасиела Гати Сантана е првата жена на чело на Механизмот во Хаг

Генералниот секретар на Обединетите нации ја назначи судијката Грасиела Гати Сантана од Уругвај за нов претседател на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови (Механизмот) со мандат од две години.
Судијката Сантана е првата жена назначена за претседател на Механизмот, се вели во соопштението на институцијата.
Таа е судија на Механизмот повеќе од една деценија и во таа функција е повикана да извршува функции во различни судски работи, вклучително и функцијата судија на Апелациониот совет во случајот Караџиќ и судија на Судскиот совет за тековниот случај Кабуга.
Исто така, од 2016 година активно е вклучена и како судски член на Комисијата за правила на механизмот.
Заедно со нејзината служба како судија во Механизмот, таа има долгогодишно искуство работејќи како истакнат судија, адвокат и професор во Уругвај.
Откако се приклучи на уругвајското правосудство во 1992 година, таа беше распоредена во неколку тамошни судови. Во февруари 2016 година е именувана за судија на Апелациониот суд по кривична материја.
Покрај тоа, од 2016 до 2017 година, таа беше активно ангажирана во спроведувањето на новиот уругвајски законик за кривична постапка, а од март 2021 година е претседател на Здружението на судии за прекршоци на Уругвај.
Работела и пред Интерамериканската комисија за човекови права и како предавач на Универзитетот во Монтевидео, Универзитетот Емпрес и Уругвајската школа за правосудство.
Гати Сантана ќе ја преземе должноста од судијата Кармел Аџиус од Малта, кој е претседател на Механизмот од јануари 2019 година.
По назначувањето на судијата, Гати Сантана ја изрази својата длабока благодарност до судијата Аџиус за неговиот ангажман како претседател на Механизмот, а особено за забележителниот напредок што Механизмот го постигна под негово водство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.