Не влегуваме во сензитивен период, туку Македонија е доведена до ѕид, рече во вторникот вечерта, Солза Грчева во нејзиното гостување во „Само вистина“.
Според поранешната пратеничка на СДСМ, Македонија оди по еден срамен пат и дека ова е прекршување на нашата понова историја.
„Денес, ова што се случува, е еден срам и еден момент кога македонскиот народ се чувствува изневерен и понижен. Работите се тотално изместени. Ние сме пред една голема историска одлука која не смееме да ја донесеме. По срамното гласање за законот за јазици почна да се удира во дигнитетот на македонскиот народ“, рече Грчева.
Во однос на Шарената револуција, посочи дека тоа е една „шарена лага“ која промовирала граѓански концепт со кој требало сите да се обединат.
Грчева додаде дека не може да живее во држава која се идеализира сѐ и како пример ги посочи албанските партии. Кажа, исто така, дека ниту една албанска партија нема излезено на говорница за некој закон, доколку не се засегнати Албанците.
Во однос на преговорите со името, Грчева оцени дека тоа претставува напад на интересите на македонскиот народ.
„Гласноговрниците зборуваат да се договорат влада со влада. Видовте како процесот го изместија од ОН со директни разговори. Ваков тип на компромис ќе биде предавство. Сите тие што ќе се дрзнат да направат вакви неморални компромиси ќе бидат означени како предавници. Ние немаме црвени линии. Нашиот посредник во името во истата секунда кога изговори дека не е достоинствен предлогот беше одма тргнат. Нашиот премиер отиде во Грција и кажа дека нашата црвена линија е една водилка која ќе не однесе до исправно решение. Јас тоа го замислив како една црна линија. Да отидете без црвени линии тоа не смеете да си го дозволите“, вели Грчева.
Додаде дека многу ќе се изгуби доколку се реши ова прашање и додаде дека ова е едно сценарио и дека доаѓањето на оваа власт е проект кој е направен и е така конструиран да биде слаба и уцената за на крај да биде уценета државата. Според неа, оваа власт мора да го заврши она што го ветила.