Грчката крајбрежна стража отворила оган кон турски брод

Турски товарен брод во саботата се наишол со патрола на грчката крајбрежна стража кај турскиот брег на Егејското Море, при што двете нации дадоа спротивставени извештаи за инцидентот.

Според турската страна, ро-ро бродот „Anatolian“ под знамето на Комори претрпел помала штета од грчко мало оружје. Грчката крајбрежна стража, сепак, инсистира на тоа дека кон пловилото биле испукани само предупредувачки истрели. Ро-ро бродови (скратено од Roll-on/roll-off) се товарни бродови кои пренесуваат автомобили, мотори, автобуси, камиони…, односно сѐ што е на тркала.

Турските медиуми објавија видео-снимка од инцидентот, снимена од екипажот на „Anatolian“. На него е прикажан брод на грчката крајбрежна стража кој плови покрај ро-ро бродот. Видеото, исто така, покажува неколку дупки од куршуми во прозорците и ѕидовите на бродот, наводно оставени како резултат на грчкиот оган од мало оружје.

Според Министерството за внатрешни работи на Турција, товарниот брод бил под „малтретирачки оган“ од грчката крајбрежна стража додека пловел кај турскиот остров Бозџаада во меѓународни води. Два брода на турската крајбрежна стража биле испратени да му помогнат на „Anatolian“, но грчкото пловило ја напуштило областа откако ги детерктирало турските бродови што се приближувале, тврди Министерството.

Според грчката крајбрежна стража, „Anatolian“ бил пронајден како се движи „сомнително“ во грчките води северозападно од Лезбос, голем грчки остров кој се наоѓа во близина на турскиот брег. Крајбрежната стража стапила во контакт со „Anatolian“, која го повикала да го промени својот курс и да ги напушти грчките територијални води. Бродот, сепак, не се придржувал до предупредувањата и поради тоа биле испукани предупредувачки истрели „во безбедна област“, тврди грчката страна. Бродот не застанал, дури и додека бил под оган, а на крајот избегал во турските територијални води.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.