Грчката партија Движење на промена повлече постер за работничките права и објави нов

Постер со цртеж што наликува на фабрика чиј оџак се претвора во рака со стегната тупаница, на црвена позадина и пораката „ќе ѝ се спротивставиме на владата во и вон Парламентот“, на грчката партија Движење на промена (поранешен ПАСОК) откако предизвика реакции во Грција, беше повлечен и објавен нов, jави дописничката на МИА од Атина.

Новиот постер е со зелена заднина и зелена говорница со знакот на партијата и истата порака.

Според грчките медиуми, реакции имало и во внатрешноста на Движење на промена, дека наликува на комунистички и социјалистички постери, а пратеникот Андреас Ловердос за телевизијата Скај рече дека конкретниот постер го потсетува на „постерите на Комунистичката партија на Грција од 70-те години и почетокот на 80-те“.

Постерот беше објавен заедно со соопштение во врска со промените на грчката Влада во однос на работничките права.

На официјалниот сајт на Движење на промена веќе не постои стариот, туку само новиот постер.