Грчки печат: Партиската опозиција во СДСМ го критикуваше Заев за грдиот резултат

Грчките весници и онлајн медиуми јавија дека Ѓорге Иванов ја положи свечената заклетва за претседател на Република Македонија, а најголем интерес од неговото обраќање предизвика делот во кој што повтори дека се обврзува да ги штити Уставот и уставното име.
“ Нема да дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име Република Македонија. Нема да прифатам никакви идеи или предлози кои што претставуваат закана за македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на коегзистенција”, е цитатот на македонскиот претседател пренесен во грчкиот печат.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, Прототема, Елефтеротипија, Реал, Нафтеборики и други информираат и дека на заклетвата не присуствуваше опозицијата предводена од СДСМ и ДУИ на Али Ахмети.
И случувањата во СДСМ остануваат во фокусот на грчкиот печат. Прототема пишува дека на конгресот на СДСМ беше изгласано Зоран Заев да остане лидер на партијата.
“ Поранешниот лидер на партијaта на присуствуваше на конгресот. Г-дин Црвенковски пред неколку денови директно го предизвика Заев и изјави дека најдоброто решение за СДСМ е Стево Пендаровски, кој што беше кандидат на СДСМ за претседателските избори. Познато е дека на конференцијата, внатре-партиската опозиција во СДСМ силно го критикуваше Заев за грдиот резултат на партијата на парламентарните избори, додека неколку учесници од истиот блок бараа и негова оставка”, се вели во текстот на Прототема.
Деновиве во грчкиот печат се актуелизира и темата за можен американски притисок врз Грција и директно ангажирање напретседателот Барак Обама за интеграција на Македонија во НАТО, а продолжуваат и критиките адресирани до грчката дипломатија. Весникот То парон, нарекувајќи го грчкото министерство за надворешни работи – министерство на срамот, искажа воодушевување од шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за тоа што одржал говор на многу важна конференција во Вашингтон, рамо до рамо со потпретседателот Бајден и државниот секретар Кери, додека грчката страна немала свој учесник.