Грчки печат: Самарас сериозно да ги разгледа поволностите што Груевски им ги нуди на странските инвеститори

Пред да најавува „црвени теписи” за странските инвеститори, Андонис Самарас сериозно да ја разгледа понудата што им ја нуди македонскиот премиер Никола Груевски, се вели во анализата на весникот “Ефимерида” насловена како “ Ние пакет ‘црвени теписи’ – соседите пакет понуди.“.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, весникот потенцира дека поради поволностите што Груевски им ги нуди на странските инвеститори, грчкиот премиер не е нивен првиот избор.

„Борбата на Грција во рамките на фискалното и структуралното ниво која што има за цел да им ‘постеле црвен тепих’ на странските инвеститори, беше величана од страна на  Андонис Самарас пред половина месец во Брисел. Но, сепак се чини дека на црвениот тепих грчкиот премиер е сепак на второ место”, пишува весникот.

Тврдењето дека Самарас е зад Груeвски кога станува збор за привлекување на странски инвестиции “Ефимерида” го аргументира со кампањата на македонската Влада за привлекување странски инвеститори застапена во рамките на највлијателните светски медиуми.

„Опиплив доказ за тоа е рекламата на Владата на соседна Македонија (која што продолжува да се нарекува себе си така, но и која што исто така направи  се повеќе и повеќе луѓе на планетата да ја прифатат како Македонија ) на последната страница на “Економист”.

“Со насловот “ Сакате да ги скратиме вашите трошоци – Инвестирајте во Македонија ”, Владата на Македонија нуди многу атрактивен пакет на потенцијалните инвеститори од странство, кои што премиерот треба сериозно да ги разгледа пред да почне да зборува за ‘црвени теписи’ ”, се вели во текстот на весникот.

“Ефимерида” наведува и девет поволности што македонската Влада им ги нуди на странските инвеститори како “ ниските даночни стапки, брзото регистрирање на фирма кое што трае само 4 часа, макроекономска стабилност односно ниска инфлација, нулта данок на реинвестирана добивка, слободен пристап до огромен пазар од 650 милиони потрошувачи, одлична инфраструктура и транспортна мрежа, како и аплицирањето за членство на ЕУ и НАТО што имплицира на стабилност  во однос на странските инвестиции”, пишува весникот, прашувајќи:

“После сето ова, се поставува прашањето дали ќе биде мудро и Грција да избере сличен модел за да ги привлекува странските инвестиции.”

Економската криза и натаму претставува параван зад кој што јужниот сосед се крие кога станува збор за активирање во процесот на барање решение на проблемот што Атина го има со нашето уставно име.

Премиерот Груевски предупреди, а весникот “То парон” потврди дека јужниот сосед не се ангажира во процесот на барање решение за името поради кризата во земјата. Во својата последна анализа посветена на Македонија, “То Парон” го критикува грчкиот премиер затоа што прашањето за името воопшто не постои во неговата агенда и му порачува дека не може да ја искористува кризата како “изговор за пасивноста и занемарувањето на националните прашања”.