Грчкиот остров Порос ставен во „лабав“ карантин

Зголемениот број позитивни случаи на Ковид-19 на грчкиот остров Порос предизвика од утрово да се воведат вонредни рестриктивни мерки, што ќе бидат во сила во следните 10 дена.

Наредбата ја донесе заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, а има за цел да се спречи дополнително ширење на корона вирусот на островот.

Одлуката опфаќа мерки како што се: забрана за работа на угостителските објекти, кафулињата и слично од 23 часот до 7 часот; дозволени најмногу четири лица на една маса во кафулињата и рестораните; откажување на сите настани како што се забави со жива музика, црковни настани, пазари и слично; забрана за јавни и приватни собири на над девет лица, како и задолжителна маска и на отворено и во затворените објекти.

Островот Порос што се наоѓа во Саронскиот залив е првото туристичко место во Грција во кое се преземаат рестриктивни мерки за спречување на ширењето на корона вирусот.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, не ја исклучи можноста за воведување локални карантини во делови од земјата каде што има зголемен број случаи.

„Тоа е мерка што во минатото беше успешно спроведена за да се ограничи веројатноста вирусот да се прошири во општеството и доколку биде потребно повторно ќе се преземат и такви мерки“, изјави Пецас.