Грчкиот Парламент со задоцнување од 14 месеци го изгласа Законот за заштита на лични податоци

Грчкиот Парламент денеска го изгласа Законот за заштита на лични податоци, откако минатиот месец доби предупредување од Европската комисија дека ќе треба да плати парична казна од околу 2,5 милиони евра од судот на ЕУ, затоа што во предвидениот рок не ги пренела во националното законодавство упатствата на ЕУ од 2016 за конкретниот закон, јави дописничката на МИА од Атина.

Законот го поддржаа Нова демократија, СИРИЗА, Движење на промена и МЕРА25, а против беа Комунистичката партија и Грчко решение.

Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање во парламентот рече дека Законот за заштита на лични податоци е особено важен, не само поради тоа што земјата доцни 14 месеци и затоа што се спасува од санкции во висина од милиони евра, односно 5.400 евра дневно од 7 мај 2018 година, туку и затоа што станува збор за „клучни и неопходни промени што се важни чекори во модернизацијата“

-Со овој закон веќе никој нема да може да користи туѓи податоци без негова согласност. А на ниту еден работодавец не му е дозволено да се повикува на податоците на вработените за да ги користи против нив. На пример, снименото од безбедносните камери нема да може да се користи за отпуштање или промена на позицијата на вработениот. Додека пак податоците за здравјето, доколку постојат, мора да бидат анонимни и шифрирани. И да останат подалеку од потенцијални заинтересирани корисници, како што се осигурителните компании, објасни Мицотакис во однос на тоа што практично значи законот што беше изгласан попладнево.

Како што пред 20 дена објави МИА, портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите, откри дека Грција се соочува со парична казна во висина од околу 2,5 милиони евра од судот на ЕУ, затоа што во предвидениот рок не ги пренела во националното законодавство упатствата на ЕУ од 2016 за заштита на податоците од личен карактер.

Грција, заедно со Шпанија беа единствените земји членки на унијата кои не ги исполниле обврските и Европската комисија го повика судот на ЕУ да изрече парични санкции за Грција во висина од 5. 287,5 евра за секој поминат ден што не е вклучен законот, почнувајќи од 7 мај 2018.

-Станува збор за неактивност, повеќе од една година, што е на товар на претходната влада и што до денес чини 2,5 милиони евра. И не е само финансиската цена во тешки времиња, туку пред сѐ дека не се целосно гарантирани личните податоци на граѓаните, рече Пецас на брифингот со новинарите на почетокот од месецов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.