Грција ја повика Турција да го задржи статусот на музеј на „Аја Софија“

Грција во четвртокот уште еднаш порача дека Турција ризикува создавање „огромен емоционален раздор“ со христијанските земји доколку ја спроведе идејата сегашниот музеј „Свет Софија“ во Истанбул да го претвори во џамија.

Највисокото турско тело Државниот совет во четвртокот за само 17 минути го сослуша барањето за претворање на масивната градбата изградена во шестиот век како православна црква и најголем храм во тоа време, да биде претворена во џамија. Советот својата одлука ќе ја објави за 15 дена.

„Света Софија е знаметост на светското наследство. Многу држави, што кулминираше со интервенцијата на американскиот Стејт департмент, тоа го нагласија, повикувајќи ја Турција да не презема чекори кои би создале огромен емотивен раздор мешу Турција и христијаните во светот“, изјави на прес-конференцијата портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео во средата ја повика Турција да го задржи статусот на „Света Софија“ како музеј и да осигури како и во текот на изминатиот речиси еден век да биде достапна за сите. И Цариградскиот патријарх Вартоломеј, предупреди дека претворањето на поранешната соборна црква во џамија би создал јаз меѓу Истокот и Западот.

„Света Софија“ е довршена во 537 година во времето на царот Јустинијан во тогашен Константинопол, престолнината на Визанитското царство. Во следните 900 години била најголемиот христијански соборен храм до падот на градот под Османлиската империја во 1453 година, кога е претворена во џамија.

Творецот на современата турска држава Мустафа Кемал Ататурк во 1935 година ја пренаменува во музеј, кога по указ на владата повторно се откриени фреските и живописите. Таа одлука турскиот совет ја оспорува правно, а претседателот Реџеп Тајип Ердоган го поддржува претоврањето на оваа знаменитост под заштита на УНЕСКО повторно во џамија, а недоамнешните анкети покажуваат дека со тоа се согласува мнозинството во Турција која сѐ повеќе го губи секуларниот карактер.