Грција, Италија, Турција и Унгарија ќе влезат во Отворен Балкан?

Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Белград на отворањето на лидерскиот самит „Отворен Балкан“ изјави дека лидерите на земјите членки сериозно ќе размислат да поканат на регионалната иницијатива и други важни земји, но и од ЕУ, важни за тој регион, како на пример Грција, Италија, Турција и Унгарија, јави дописникот на МИА од Белград.

– Иницијативата на ОБ повеќе нема потреба да бара оправдување за своето постоење, ниту треба повеќе да објаснуваме, таа сега зборува сама за себе и ќе разберат оние кои имаат визија за иднината и сакаат да не видат и слушнат – рече Рама.

Тој кажа дека на оваа средба биле поканети претставници на Италија и Грција, но дека биле спречени да присуствуваат и најави дека секако ќе бидат поканети на следниот самит во Тирана, додавајќи дека тие не присуствуваат од објективни причини и дека се извиниле што не можеле да дојдат.

– Ми се јави еден премиер од европска земја и ме праша зошто не не поканивте, а јас реков дека ќе разговарам со моите колеги за тоа и дека најверојатно ќе ве поканат, како и дека ми е многу драго што има интерес за иницијативата на ОБ – рече Рама.

Тој посочи дека членките на ОБ сакаат да извлечат максимум од оваа иницијатива и затоа ги повикуваат и другите земји да се приклучат.

– Сериозно ќе размислиме за испраќање покани до други партнери и земји од ЕУ и никој не треба да ни љубомори, рече Рама, додавајќи дека на самитот во Белград денеска присуствуваат и министрите за надворешни работи на Турција и на земја од ЕУ – Унгарија како и дека тука е и американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил кој ќе биде присутен на секој самит – додаде Рама.

– Тоа значи дека сме сигурни дека нема да има недоразбирања за тоа – благодарам. Исто така, благодарам на Сијарто како претставник на ЕУ што е тука – нагласи Рама.

– Се надевам дека претставниците на Италија и Грција ќе бидат собрани околу тркалезната маса на следниот самит во Тирана, додаде Рама и посочи дека се повеќе земји сакаат да бидат поканети на самитите на иницијативата ОБ и тоа од областите каде што ние долго време чевкаме покани од нив.

– За мене ова е само потврда дека Балканот е важен за Европа колку што е и Европа за Балканот и убеден сум дека тоа на сите ќе им стане јасно.

Рама рече дека турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу е негов пријател и посочи дека Турција е незаменлив стратешки партнер на Албанија и важен фактор во сите позитивни процеси во регионот. Исто така, тој кажа дека синоќа била многу возбудлива вечер во рамки на на саемот за вино Отворен Балкан и истакна дека саемот е организиран на светско ниво и му честита на претседателот Александар Вучиќ и на целиот негов тим за организацијата.

Тој додаде дека во овој контекст е важна и „резолуцијата поврзана со документите за идентификација“ на земјите од Отворениот Балкан, што покажува дека оваа иницијатива има резултати.

Како што рече, тоа не ги решава сите проблеми кои се уште остануваат, но не отвора нови проблеми и прашања.

– Ние не сме тука само за да уживаме во виното и храната од регионот и чекор по чекор ги зближуваме луѓето, туку сме на уште еден самит што веќе се случува во контекст на војната во Украина и преземаме чекори – рече Рама.

– Србија, како и другите земји, мора да го замрзнат извозот, но благодарение на ОБ ги одмрзнавме тие договори со С. Македонија и Албанија – кажа тој.

Рама рече дека тоа не би било возможно ако има конфликт наместо соработка.

– Не би било можно денес да потпишеме договор за безбедност на снабдувањето со прехранбени производи и да направиме важен чекор за складирање храна и да ги здружиме силите, кога станува збор за енергетската безбедност – рече Рама.

Тоа значи, како што рече, тоа што Србија го има како вишок да може да се пренесе во Северна Македонија и Албанија и обратно, рече Рама и додаде дека Албанија произведува, на пример, струја од хидро секторот, а Србија најмногу од термоцентралите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.