
Грција во четвртокот го изрази незадоволството за предлогот на Европската комисија за лимитот на цената на природниот гас да изнесува 275 евра за мегават/час.
„Се разбира дека воопшто не сме задоволни од овој предлог“, рече портпаролот на грчката влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, коментирајќи го предлогот и додаде дека тоа не може да се смета за ефикасна мерка за справување со енергетската криза.
Истакна дека тие ќе бараат имплементација на нивниот предлог, прифатен од другите европски земји и посочи дека потребно е да постои „реална, итна и, пред сè, ефикасна интервенција од Европа, без да се губи повеќе време“.
Министерот за животна средина и енергетика на Грција, Костас Скрекас, пред почетокот на состанокот на министрите за енергетика од Европската унија истакна дека „одредувањето на највисоката граница на цената на 275 евра за мегават/час реално, не е ограничување“.
„Би сакале пореален механизам. Бидејќи дури и во текот на август, периодот кога страдавме од скокот на цената на природниот гас, овој корективен механизам немаше да се активира. Најголемиот проблем на Европа е што го купува најскапиот природен гас во светот. Затоа мора да реагираме што е можно поскоро, не можеме да продолжиме да губиме време“, истакна Скрекас.
Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.