Грци, не сте во право за Македонија!

Политичката партија ВМРО – Бугарско национално движење (БНД), вчера објави соопштение до јавноста во врска со протестите во грчкиот град Солун, во однос на спорот кој Атина го има со уставното име на Република Македонија.

Реакцијата на бугарската партија, чиј лидер е Красимир Каракачанов, актуелен министер за одбрана на Бугарија, а нејзин втор човек е бугарскиот европратеник Ангел Џамбазки, ви ја пренесуваме во целост.

Грци не сте во право за Македонија! Со овој повик ВМРО – Бугарско национално движење реагира на протестите во Грција, во однос на името „Македонија“.

Не сте во право Грци, кои протестирате во Солун. Ние Бугарите, природно, застануваме зад своите браќа во Македонија во спорот за името. И сакаме решавање на тој спор. Но, без изнуди. Никој неможе целосно да ги лишува луѓето во Македонија да го користат името, кое го користеле нашите заеднички предци. Да, побарајте компромис, но не свиткувајте рака!

Нема зошто зборот Македонија да биде целосно исклучен од името на младата држава. Го сфаќаме аргументот дека Македонија не е само на Скопје, но не разбираме зошто некој саката самиот збор Македонија целосно да не биде присутен. Дури и во сложена комбинација.

Да, ние во Бугарија исто така може да пројавиме претензии кон тие имиња и места. Но, не го правиме тоа, зошто сметаме дека патот денеска е пријателство и великодушност, а не пречки. Ние со нашите браќа по крв во Македонија го покажуваме правилниот пристап.

Да, македонска нација претходно во историјата немало. Да, Македонија е географско име, денеска поделено меѓу три држави, дури четири. Да, Скопје неможе да има претензии кон околните држави. За сето тоа Ципрас е во право.

Но, зошто тогаш Атина има претензии да го монополизира тоа име? Не умираа ли со тоа име на уста илјадници луѓе, кои вие денеска милувате да ги нарекувате „славјаноговоречки елини“? Немаат ли право нивните наследници да го нарекуваат родното место со името, со кое го нарекувале нивните предци?

Денешна Грција сака конечно да си го присвои името Македонија. И тоа неможе да биде толерирано. Ние од ВМРО – БНД сме категорични во тоа!

Сега е моментот да потсетиме: пријатели, Грци, на нашиот грб има три лава – Мизија, Тракија и Македонија. Не заборавајте дека кога ја прогонувате Македонија, не’ прогонувате и нас. А, ние не се плашиме од тоа. Зошто ја помниме историјата.

А, по повод грчките тврдења, со насмевка ќе се потсетиме на оној едноставен одговор на Вазов (бугарски поет и политичар н.з.): „Македонија е наша!“.