Грција договорила со кредиторите спогодба за реформите

Европската комисија објави доцна ноќта во саботата дека Грција со своите меѓународни кредитори постигнала договор за пакетот реформи.

ЕК објави дека Грција ќе го претстави новиот сет реформи на средбата на министрите за финансии на земјите членки на еврогрупата, позната како Еврогрупа, којашто ќе се одржи следната седмица на 24-ти мај. Атина ќе ги спроведе реформите пред следниот состанок на 21-ви јуни, наведува ЕК без други поединости. Тогаш ќе се разговара за евентуалното излегување на Грција од програмата за меѓународна финансиска помош.

Грција, како што се проценува, е блиску од излегување од должничката криза којашто нејзината економија ја турна во најдлабоката рецесија последните децении поради што над неа се надви заканата од банкротирање и излегување од еврозоната. На оваа членка на Европската унија, којашто во историјата веќе има прогласено неколку банкрота, меѓународните кредитори ѝ дадоа рекордни 260 милијади евра заем во неколку транши од 2010 година, со отпишување на околу 100 милијарди евра, во замена за жестоките кастрења и реформи.

Шефовите на мисиите на четворката кредитори од вторникот преговараа со грчката влада за исполнувањето на програмата на реформи. Без позитивна оцена, Атина не може да ја добие следната транша од заемот во рамките на третата програма за надворешна помош во износ од 86 милијарди евра. Сегашната оцена е последната пред планираното излегување на Грција од програмата за помош во август годинава.

Грчкиот министер за финансии Евклид Цакалотос изјави по состанокот дека во преговорите со Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд била постигната согласност по сите прашања.

„Денеска постигнавме техничка согласност (Staff Level Agreement), која ќе биде ратификувана од Еврогрупата на 24-ти мај. За сите прашања постигнавме согласност и ние точно знаеме што треба да сториме пред Еврогрупата на 21-ви јуни“, изјави Цаколотос.

Грција во замена за милијардите евра помош се обврза на болните реформи, вкупно 88, како и на мерките за штедење. Заимите ѝ1 помогнаа да со одржи над банкротот, но истовремено го зголемија нејзиниот долг кој сега изнесува 318 милијарди евра или 180 отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Владата во Атина сака на 20-ти август конечно да излезе од системот на надзор на своите кредитори по деветте години рецесија.

Грција кон крајот на јули би требало да ја прими последната транша од кредитот од 10 до 12 милијарди евра, според европски извори. Таа сума би ѝ овозможила на земјата да има финансиска резерва за првите 18 месеци по излегувањето од програмата за помош.