Грција го усвои последниот реформски пакет за излегување од кризата

Грчкиот парламент го усвои во четвртокот последниот пакет реформски закони неопходен да ја добие последната транша од третиот пакет меѓународна финансиска помош, и за кој се верува дека ќе овозможи излегување од финансиската криза, во пресрет на истекот на договорот со доверителите кој истекува во август.

Овие реформи беа и услов поставен од страна на меѓународните кредитори и услов да се разгледаат евентуални мерки за намалување на товарот на долгот на Грција на 21-ви јуни. Сегашниот пакет меѓународна помош изнесуваше 86 милијарди евра, а владата во Атина за возврат се обврза на строги реформи и кастрења.

Последниот пакет реформи вклучува намалување на пензиите од дури 18 отсто од 2019-та којашто е изборна година, како и поцврсти прописи за даночните изземање од 2020 година, што вкупно би требало да донесат заштеди од 5 милијади евра. Клучниот закон се однесува на воведување државни гаранции за кредиторите, на коишто ќе им биде овозможено да ја продаваат грчката државна сопственост преку Европскиот стабилизациски механизам (EMS), како компензација доколку Атина не ги плати долговите навреме.

Повеќе илјади луѓе протестираа против носењето на овие мерки пред грчкиот парламент додека во него се водеше дебатата, а возачите на такси возила и во јавниот градски превоз во грчката престолнина штрајкуваа.

И покрај противењето на големиот дел од грчката јавност, левичарскиот премиер Алексис Ципрас во 2015 година го потпиша третиот, моменталниот пакет странска финансиска помош во износ од 86 милијарди евра кој истекува во август годинава. Неговата влада предводена од коалицијата на радикалната левица Сириза се согласи со барањата на меѓународните кредитори во 2019 и во 2020 година дополнително да ги намали пензиите и да ги големи даноците, па така првпат од ова лето ќе се применува и данок на туризмот, но вети дека потоа повторно ќе воведе колективни договори и ќе ја зголеми минималната плата.

Грција, како што се проценува, е блиску од излегување од должничката криза којашто нејзината економија ја турна во најдлабоката рецесија последните децении поради што над неа се надви заканата од банкротирање и излегување од еврозоната. На оваа членка на Европската унија, којашто во историјата веќе има прогласено неколку банкрота, меѓународните кредитори ѝ дадоа рекордни 260 милијади евра заем во неколку транши од 2010 година, со отпишување на околу 100 милијарди евра, во замена за жестоките кастрења и реформи.

Грција во замена за милијардите евра помош се обврза на болните реформи, вкупно 88, како и на мерките за штедење. Тоа подразбираше намалување на пензиите за десетина пати и пад на просечната заработка за околу четвртина. Заимите ѝ помогнаа да со одржи над банкротот, но истовремено го зголемија нејзиниот долг кој сега изнесува 318 милијарди евра или 180 отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.