Грција се вклучува кон меѓународната коалиција против џихадистичката групација Исламска држава, со тоа што ќе испрати муниција за Курдите во Ирак.
Весникот „Та неа“ објави дека грчкото Министерство за надворешни работи дало позитивен одговор уште на 12 септември за „создавање на меѓународната коалиција од држави“, која ќе ги координира активностите против ИД, чие дејствување се осудува од целиот цивилизиран свет.
– Грција ја поздравува меѓународната коалиција против групацијата ИД. Таа планира да учествува на политичко ниво при доставувањето хуманитарна помош и на воено ниво преку доставки на оружје за курдските борци во Ирак, се вели во соопштението на грчкото МНР.
Во соопштението се потенцира политичката поддршка на Атина за конкретната меѓународна иницијатива, а исто така се изразува и нејзината солидарност со ирачката Влада, христијаните, етничките и верските заедници во регионот, „кои се жртви на досега невидените варварски дејствија на т.н. исламски калифат, крајно џихадистичка организација, која треба да биде ликвидирана“.
Испраќањето на муницијата ќе се случи по препорака на грчкото Министерство за одбрана и специјално на Генералштабот за национална одбрана.
Весникот „Катимерини“ пишува дека Грција ќе испрати муниција од источно производство, конфиксувана од бродови, кои пренесувале нелегално оружје. Таа се наоѓа во магацини на грчката армија и не се користи од вооружените сили на земјата, бидејќи е забранета со меѓународни конвенции и не е компатибилна со воената опрема на земјата.