Грција не се откажува од обештетувањето од Германија

Грција ќе побара надоместок за жртвите за време на Втората светска војна, како и враќање на заемот, кој беше принудена да го плати на нацистичките окупатори, изјави претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос.

Тој на средбата со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер во Атина рече дека таквите барања влегуваат во рамките на „отпорот против оние кои сакаат да се вратат во кошмарното минатото“, алудирајќи  на порастот на екстремната десница во Европа пред изборите во ЕУ.

Барањето во врска со заемот на окупаторите и воената отштета ги сметаме за правно активно и нешто што може да се бара преку судски процес, рече Павлопулос.

Штајнмаер за време на престојот во Атина го посети местото на поранешниот нацистички логор во предградие Хајдари, во кој загинаа стотици луѓе.

Им оддавам почит на сите мртви, а пред се, се извинувам, изјави Штајнмаер за време на состанокот со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Ципрас изјави дека посетата на Штајнмаер е можност за нов почеток во билатералните односи, но додаде дека тоа не значи дека треба да се заборават разликите од далечното минато, ниту пак да се „туркаат под тепих“.

Силите на нацистичкиот канцелар Адолф Хитлер ја окупираа Грција од 1941 до 1944 година, а бараа и т.н. „окупаторска позајмица“ за финансирање на германската воена кампања во Северна Африка. Грција беше принудена да и плати на Германија 476 милиони германски рајхмарки, а грчките официјални лица проценуваат дека денешната вредност на овие пари е меѓу шест и десет милијарди евра. После тоа следеше неодржлива инфлација, поради која од глад во Грција починаа десетици илјади луѓе.

Германија се извини за злосторствата на нацистите за време на војната, но Берлин истакна дека не сака да зборува за плаќање одштета. Берлин тврди дека не и должи ништо на Грција бидејќи во 1960 година на Атина и платил 115 милиони германски марки.

Портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт, вчера изјави дека Берлин смета оти прашањето за компензација е решено и законски и политички, истакнувајќи дека Грција сé уште официјално не побарала компензација.