Грција: Регистрирани 30 земјотреси во текот на изминатата ноќ

Во последните 12 часа во Грција биле регистрирани 30 земјотреси, покажуваат податоците од Европскиот медитерански сеизмолошки центар. Најсилниот од нив бил со јачина од 5,3 степени, а се случил во 20.45 часот по локално време, на 27 километри северозападно од градот Аргостоли и на 305 километри западно од главниот град Атина.

Останатите потреси се забележани приближно во истата област и биле со интензитет меѓу 3,2 и 4,7 степени по Рихтер.

Вчера попладне, во 15.55 часот, грчкиот остров во Јонското Море, Кефалонија беше потресен од земјотрес со интензитет од 5,8 степени. Се’ уште нема податоци за настрадани лица, иако потресот уништил делови од патната мрежа и нанел штета на неколку стари згради.

Не е прогласена опасност од појава на цунами. Земјотресот бил почувствуван во цела Западна Грција.

„Беше многу силен потрес и луѓето се исплашија. Досега нема извештаи за жртви, но има податоци за штети по патната мрежа и неколку станбени објекти“, соопштил претставник на полицијата на островот.

Во исто време од полицијата во Атина соопштија дека се нанесени штети на осум куќи и уште неколку селски објекти, но нема повредени. Грчкиот министер за внатрешни работи итно заминал за Кефалонија со хеликоптер, за да ја оцени ситуацијата.