Грција и грчката економија се соочуваат со ризикот да бидат како Зимбабве, доколку Владата во Атина не успее да се договори со кредиторите, па ги напушти Европската монетарна унија (ЕМУ) и еврото и се врати на својата некогашна валута – драхмата, предупредуваат британски монетарни експерти.
Во ситуација на банкрот и огромниот притсисок на странските долгови, ново-старата драхма ќе мора на самиот старт значително да девалвира. Според овие експерти, многу е реално дека драхмата во еден подолг период ќе продолжи да ја губи својата вредност, затоа што зад себе ќе ги има сите проблеми и состојби од времето на еврото и целосно испразнетата државна каса.
Тоа би можело да се претвори во време на секојденвни девалвации, како што тоа е регистрано во Зимбабве каде еден американски долар се менува за 35 трилиони зимбабвански долари.
Експертите проценуваат дека најновата „грчка драма“ мора да се расчисти до крајот на овој месец, но сметаат дека времето забрзано истекува, а двете страни остануваат на своите тврди позиции.
Државите од еврозоаната на Грција и имаат дадено заем од 184 милијарди евра, додека Европската централна банка (ЕЦБ) уште други 118 милијарди, па сега тие притискаат врз левичарската влада на премиерот Алексис Ципрас да прифатат реформи и намалување на трошоците, за да продолжат со периодичните исплати за сервисирање на долгот.
Министрите од Сириза, настојуваат да се спогодат со кредиторите од ЕУ и ММФ, но водството на партијата спречи Ципрас да направи договор, предупредувајќи дека „мора да се исполнат ветувањата на гласачите“. Од тогаш се заостри и позицијата на Ципрас, кој сега ги обвинува своите партнери во ЕМУ и кредитори, дека се обидуваат да ја урнат неговата влада и „да ја понижат“ Грција.
Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер ја обвини Владата во Атина дека со своите предизборни ветувања, практично ги измамила грчките гласачи, ветувајќи им го невозможното. Тоа ги тера аналиитчарите во Велика Британија да се сомневаат во можноста од спогодба во наредните десетина денови и повеќе да веруваат во едно зимбабванско сценарио.
Лондонски „Тајмс“ заговара попуштање на кредиторите, сметајќи дека загубата од евентуаниот излез на Грција од еврозоната ќе биде и за нив поголема. Весникот смета дека треба да и се дозволи на Атина „привремено неплаќање“ на долговоте, сето тоа проследено со нови гаранции и со правење план за реструктуирање на долгот.
Според „Индепендент“, европските политичари не се спремни да и ги отпишат државните долгови на Грција, затоа што се плашат дека тоа би можело да охрабри и други да тргнат по грчкиот пат.