Грчката власт и опозиција едногласни: Без промена на името нема НАТО и ЕУ

И додека дел од грчките медиуми пишуваат за притисокот Македонија да влезе во НАТО под референцата, друг дел излегоа со наслови од типот „Ерата на Груевски заврши – ФИРОМ го менува името”, информирајќи дека новата влада е подготвена за промена на името со цел влез во НАТО.

Нема интеграција во НАТО и ЕУ и без решение за името, се пораките како од официјална Атина, така и од Брисел, непосредно пред утрешната средба на Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров со грчкиот колега Никос Козиас.

FOTO 2

Како што јавува дописникот на НетПрес од Атина, освен грчката власт, позицијата дека без промена на уставното име нема да станеме дел од НАТО и ЕУ ја поддржа и најпопуларната грчка опозициска партија Нова Демократија.

„Прашањето за името на соседната земја мора да биде решено на заемно прифатлив начин. А тоа е решение со коешто Грција ќе се согласи. Додека вакво решение не биде најдено, не може да стане збор за каква и да е промена на политиката од Букурешт (самитот во 2008 година -з.р.), којашто резултираше со едногласната одлука на НАТО. Оваа политика ја има поддршката на мнозинството Грци и политички сили во парламентот“, се вели во соопштението на одговорниот за надворешна политика на Нова Демократија, Јоргос Комуцакос.

Грчките медиуми во континуитет информираат дека инсистирањето за влез на Македонија во НАТО се должи, во прв ред, на обидот на Западот за намалување односно спречување на руското влијание и проекти во Македонија, а преку неа и во регионот.

Телевизијата СКАЈ, пак, информира дека грчката дипломатија изразува скромен оптимизам за ставовите на новата влада коишто досега беа презентирани, а дека фокусот на утрешната средба за Атина ќе биде во насока на формирање генерална формула за подобрување на билатералните односи, што подоцна би можело да придонесе за решение за името.

Солунскиот весник „Македонија” информира дека грчкото Министерство за надворешни работи веќе прави стратегија во однос на евентуалниот притисок нашата земја да влезе во НАТО под времената референца. Весникот пишува и дека според искусни дипломатски извори, проблемот со Скопје не бил само во однос на името, туку и во однос на наводната иредентистичка политика којашто досега се водела.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.