Грчки националисти нападнале турско семејство – мислеле дека се Македонци

Турско семејство, кое престојувало во Солун викендов, било нападнато од грчка ултранационалистичка група, бидејќи мислеле дека се Македонци.

Турскиот државјанин Мехмет Озерен пристигнал во Солун на 8 септември со неговата сопруга и две деца. Тие го паркирале автомобилот на улицата Цимиски, се упатиле кон брегот каде што имало протест на повеќе од 5000 ултранационалисти, под наслов „Македонија е грчка“.

При тоа, демонстрантите, кои се судриле и со полицијата, го нападнаале турското семејство.

Според Озерен, еден од демонстрантите почнал да вика: „Тие се Македонци“. Турското семејство се засолнило во една станбена зграда, бидејќи неколку демонстранти ги следеле.

Еден од жителите на зградата им се спротивставил на напаѓачите, кои се обиделе да ја скршат вратата, и го зел турското семејство во неговиот стан.

Семејството стапило во контакт со турскиот конзулат во Солун и со грчката полиција која наскоро дошла и ги спасила.

Нивниот автомобил бил оштетен во нападот, но, за среќа семејството не било повредено.

Мојата сопруга и ќерка се’ уште се во шок. Многу се исплашивме, но ги спасивме нашите животи , рекол Озрен, објави турски „Хуриет“.