Грчкиот парламент доцна ноќта во четвртокот ги прифати новите мерки за штедење коишто ги бараа доверителите Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, пред да ја одобрат новата транша од меѓународните кредити а оваа земја којашто се надева на отпишување на долгот.
Главните членови од законот кои се однесуваат на нови кастрења во пензиите и зголемување на даноците, се прифатени со мало мнозинство од владејачката коалиција, односно со гласовите на 153 пратеници на Сириза на премиерот Алексис Ципрас и малата партија Анел, додека 128 пратеници гласаа против.
Непосредно пред гласањето демонстрантите фрлаа запалливи бомби и петарди на полицијата којашто го обезбедуваше парламентот. Органите на редот одговорија со солзавец.
Законот особено предвидува кастрење на пензиите за 18 отсто од 2019 година, намалување на платите, намалување на социјалните бенефиции и повисоки даноци, колективно отпуштање на работниците, одредува мерки за ред и контрола, а исто така е планирана и реформа во сферата на енергетиката, приватизација на претпријатијата и дефинирање на среднорочната финансиска стратегија за периодот од 2018 до 2021 година.
Грчката влада се надева дека Еврогрупата ќе даде позитивна оцена на реформите на состанокот на 22 мај и ќе ја деблокира следната транша од Третата програма за помош и ќе го отвори патот за учество на Грција во програмата за квантитативно олеснување на Европската централна банка. Покрај тоа, Атина посакува конечна одлука за отпишување на дел од нејзиниот долг.
Меѓутоа, можно е оцената на Еврогрупата да не биде донесена на 22 мај, туку да биде одложена за следниот состанок на 15 јуни. Одлуката наидува на пречки поради разногласијата на ММФ и Берлин во врска со грчкиот долг.
Грција во јули треба да исплати повеќе од 7 милијади евра од кредитите. Земјата зависи исклучиво од меѓународната финансиска помош, бидејќи не може да се справи со државниот долг во износ од над 320 милијарди евра, или 180 отсто од бруто домашниот производ. За неговото сервисирање Грција потпиша со кредиторите трета програма од финансиската помош во износ од 86 милијарди евра кредити., а средствата ги дава само европскиот стабилизациски механизам ESM.