Грчките медиуми очекуваат позитивен одговор од Заев за „Република Северна Македонија“ ерга омнес

Во исчекување на телефонскиот разговор и позитивниот одговор од Заев, е најчестиот коментар, но и наслов во грчките медиуми во однос на евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција.

Новинарите во Грција, прогнозираат, повикувајќи се на свои информации, но и на информациите пласирани во македонските медиуми во изминатиот период дека телефонскиот разговор меѓу двајцата премиери би можел да се случи во следните денови.

Некои од медиумите коментираат дека се во прашање часови, други дека се во прашање денови за да се затвори долгогодишниот проблем меѓу Македонија и Грција.

Употребата на името, односно ерга омнес е главното прашањето на кое што, според грчките медиуми, Атина очекува позитивен одговор од премиерот Заев.

Во однос на името, и покрај тоа што ниту македонската ниту грчката страна, јавно и официјално не ги отвораат картите дали постои договор, медиумите во Грција, веќе неколку денови тврдат дека е договорено „Република Северна Македонија“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, преговорите меѓу двете земји, во изминатите денови се тема на препукувања меѓу грчката влада и опозициската Нова демократија.

Од опозициската партија, ја обвинуваат владата дека „за да се задржи на власт е подготвена да направи тешки национални отстапки“, на што од кабинетот на Ципрас одговорија дека Нова демократија се обидува да ги подели Грците и побараа одговор од конзервативната партија, дали прифаќа сложено име.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.