Грчките земјоделци ги продолжуваат блокадите на границата

Грчките земјоделци соопштија дека и денеска ја продолжуваат блокадата на граничниот премин Евзони кон Македонија до 18 часот по локално време, по што ќе одржат состанок за следните чекори, јави АНА-МПА.

Тие завчера во рамки на протестот против владините политики на Грција,  успеаја да го пробијат полицискиот кордон и да стигнат до граничниот премин Евзони.

Во таа област се формирале долги колони камиони поради блокадата на земјоделците, но тие наведуваат дека ги пропуштаат возилата кои носат стокат што се расипува.

Уште во декември минатата година повеќе од 180 земјоделци се собраа во градот Лариса и одлучија во јануари да организираат блокади низ целата земја.

Фармерите велат дека нивните барања не се променети и оти тие се против даночните реформи и инсистираат на стабилност и безбедност во секторот.

На почетокот од минатата година грчките земјоделци ги блокираа патиштата во Грција, со што се создаде голем застој во транспортот низ целата земја, а на грчките гранични премини останаа заглавени огромен број камиони.