Грчкото финансирање на медиумите бара итна истрага и став на Владата

Познатиот албански професор и поранешен шеф на дипломатијата, Бесник Мустафај смета дека е потребна комплексна истрага во Албанија за обвинувањата дека албански медиуми биле финансирани од тајни фондови на грчкото Министерството на надворешни работи, со цел пласирање инфромации во интерес на Грција.

– Ова е многу сериозно, бидејќи ја нарушува независноста на медиумите во Албанија и е сериозно мешање во демократскиот живот. Молкот за ова прашање на албанскиот министер за надворешни работи е сериозно. Треба да се спроведе комплексна истрага за обвинувањата за финансирање на медиумите од тајни фондови на грчкото Министерство за надворешни работи, бидејќи тоа е поврзано со националната безбедност. Потребна е темелна истрага од Обвинителството, како и став на Владата – истакна Мустафај.

Тој ги коментира и обвинувањата дека поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас бил поврзан со Сорос.

– Не верувам во тоа.Сметам дека тие се дел од балканска параноја. Не верувам дека Сорос е против демократијата. Тој е човек на власта кој не ја сака власта, туку преку неговите пријатели. Овие обвинувања за Сорос се чини дека се прекумерни – оценува Мустафај.

Истрага околу тврдењата за финансирање на албански медиуми од грчки тајни фондови претходно побара и Партијата за правда, интеграција и единство (ПДИУ), позната како партија на Чамите, протерани Албанци од Грција. Лидерот на партијата, Шпетим Идризи,изјави дека станува збор за национално предавство и побара од претседателот Илир Мета да го свика Советот за национална безбедност, бидејќи, како што рече, земјата е во „вонредна национална состојба“.

Во меѓувреме дел од албанските медиуми наведуваат дека освен медиуми пари од тајните фондови на МНР на Грција добивале и политичари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.