Гренел доаѓа во посета на Приштина со 13 претставници на Вашингтон

Специјалниот пратеник на претседателот на САД, Доналд Трамп, амбасадорот Ричард Гренел утре се очекува до допатува во Приштина, со цел да се запознае со текот на реализацијата на договорот за економска нормализација, што на 4 септември во Вашингтон го потпишаа највисоките претставници на Косово и Србија.

Како што објави порталот „Газета експрес“, Гренел ќе предводи делегација од 13 претставници на официјален Вашингтон, кои треба да ги претстават проектите за Косово и регионот во рамки на договорот што го потпишаа косовскиот премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Хоти и Вучиќ на 4 септември во Белата куќа во Вашингтон, во присуство на претседателот на САД, потпишаа спогодба со која се регулира економската соработка меѓу Приштина и Белград. Трамп договорот го оцени како „историски“ и најави дека „со нетрпение очекува да ги посети двете земји во не толку далечна иднина”.

Пред два дена, на 18 септември, претседателот на Косово, Хашим Тачи го одликува Трамп со највисокото државно признание, Орденот на слободата на Република Косово, токму поради неговиот придонес во постигнувањето на последниот договор меѓу Косово и Србија.

Во соопштението по тој повод, Тачи му изрази благодарност на американскиот претседател за „придонесот за слободата на Косово и јакнењето на мирот и стабилноста во регионот“ и нагласи дека договорот меѓу Косово и Србија „не би бил возможен без силното лидерство на САД“ и на претседателот Трамп.