Гренел ќе биде сменет доколку не продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина, јавува Газета експрес

Американскиот претседател Доналд Трамп го овластил својот специјален пратеник за преговори меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, уште еднаш да се обиде да го организира продолжувањето на дијалогот меѓу двете страни, објави приштинскиот „Газета експрес“.

Доколку тоа не успее, Гренел ќе биде отстранет од позицијата специјален пратеник, тврди овој весник.

Гренел зборувал преку видео-врска со претставниците на албанската заедница во САД, објавил приштинскиот весник, а пренесуваат српските медиуми.

„Амбасадорот Гренел ги извести учесниците во разговорите дека се сретнал со претседателот Трамп и го информирал за откажувањето на средбата, што беше закажана за 27 јуни“, изјавил Мартин Вулај, еден од претставниците на албанската заедница, кој разговарал со Гренел.

Како што додал Вулај, претседателот Трамп уште еднаш го овластил Гренела да се обиде да најде начин да го продолжи процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина.

Во спротивно, Гренел „веројатно ќе биде прераспореден на други должности“, изјавил Вулај, пренесува „Газета“.