Гренел: Никој не знае што ќе се случи на преговорите меѓу Белград и Приштина

Специјалниот претставник на американскиот претседател за дијалогот на Белград и Приштина Ричард Гренел изјави дека во четврток во Вашингтон „на маса“ ќе бидат само економски прашања.

Но не ја исклучи можноста во продолжението на разговорите да се отворат и други прашања. Како што пренесува Танјуг, Гренел кажа дека се согласува со констатацијата на српскиот претседател Вучиќ дека никој не знае за кои прашања ќе се разговара во петок и што ќе се случи во понеделник.

„Во четврток на маса ќе бидат исклучиво економски прашања, а се сложувам со констатацијата на претседателот Вучиќ дека никој не знае за кои прашања ќе се дискутира во петок“, кажа Гренел во онлајн разговор со група новинари на албански медиуми, српската агенција Танјуг и американски Вашингтон пост.

Тој така одговори на прашањето дали една од темите на претстојната средба на делегациите на Белград и Приштина ќе биде меѓусебното принавање.

„Тоа е еден од проблемите со кои постојано се соочуваме – тоа што јавноста и политичарите гледаат само еднострано на овој процес“, кажа Гренел.

„Ќе видиме што ќе се случи во петок, што ќе се случи во понеделник“, додаде американскиот функционер и истакна дека процесот е прашање на креативност, а не на наука.

На прашањето дали на делегациите можеби ќе им биде понуден договор сличен на оној кој беше постигнат меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, Гренел кажа дека не може да даде одговор на тоа прашање.

„Бидејќи, ќе се разговара за секое прашање и од страните зависи дали имаат желба да разговараат за сите прашања“, кажа Гренел.

САД, како што истакна, немаат таен план, немаат нешто на што ќе инсистираат.

Единственото нешто што ќе го бараат, доколку страните сакаат американска помош – „ако ги сакаат доларите на САД“ – е дека е потребен напредок на економски план.

„Ние не сакаме да ги трошиме нашите пари и да стоиме во место“, кажа тој.