ГРОМ на Стевчо Јакимовски доби директорска позиција од Данела Арсовска

Драган Илиевски е новиот вршител на должност директор на Зоолошката градина во Скопје, информираат од Град Скопје. Оттаму посочуваат дека Илиевски има повеќе од 20 години работно искуство на раководни позиции во приватниот сектор.

„Културна, образовна и научна се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност. Личната одлука превземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува“, соопштува Град Скопје.

Илиевски е дипломиран машински инженер на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а има завршено магистерски студии по Економија, додаваат од Град Скопје.

Тој доаѓа на оваа позиција по разрешувањето на претходниот в.д директор Кристијан Стаменов, кој беше разрешен откако во јули во зоолошката градина беа заклани повеќе од 10 коњи. Министерството за внатрешни работи тогаш поднесе кривични пријави против директорот и уште пет други лица.

Инаку, Илиевски е член на партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски.