Гроси бара Украина и Русија да формираат безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска изјави дека оваа и следната недела ќе има повеќе консултации околу неговите повици Украина и Русија да се согласат за формирање безбедносна зона околу украинската нуклеарна централа Запорожје, што со месеци е под контрола на Русија.

Договорот за ваква безбедносна зона Гроси го бара повеќе од два месеци. Повеќекратните гранатирања околу најголемата нуклеарна централа во Европа во неколку наврати придонесоа за нејзино исклучување од мрежата и ги поттикнаа стравувањата од потенцијална катастрофа.

Гроси денеска кажа дека главните прашања за кои се разговарало биле воената опрема и радиусот на зоната.

Во Виена тој кажа дека предлогот на МААЕ е „спроведлив“ и дека „тоа што го предлага е многу едноставно: не пукајте во централата, не пукајте од неа“.

Грози смета дека таквиот договор ќе ја одрази „многу сериозната политичка посветеност на двете страни да престанат да прават нешто што сè уште се случува“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.