Гроси: Разговорите за иранската нуклеарна програма се обележани со „чесност и соработка“

Во нуклеарните преговори со Иран преовладува атмосфера на соработка, изјави Рафаел Гроси, директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA), кој во петокот отпатува за Техеран по откривањето на високо збогатен ураниум во Исламската Република.

Гроси ги опиша преговорите со владините претставници како „атмосфера на работа, чесност и соработка“. Дијалогот продолжува, рече Гроси на прес-конференција со шефот на иранската нуклеарна програма Мохамад Еслами во саботата во Техеран.

Еслами рече дека е разработен план со МААЕ за решавање на отворените прашања.

„Се надеваме дека посетата на Гроси ќе доведе до професионална соработка во иднина“, рече Еслами.

Тој најави и одржување меѓународна нуклеарна конференција во Техеран. Еслами нагласи дека Иран не збогатува ураниум над нивото на чистота од 60 проценти.

Западните дипломати рекоа дека Гроси сака да преговара за поинтензивни инспекции на МААЕ на нуклеарните постројки, откако Техеран неодамна го зголеми збогатувањето ураниум.

САД и Израел неодамна изразија загриженост дека Иран би можел да користи ураниум за развој и производство на нуклеарно оружје.

Гроси во вторникот објави дека инспекторите на МААЕ пронашле траги од ураниум со ниво на чистота нешто под 84 отсто во објектот на Форду.

Нуклеарното оружје бара ниво на чистота од околу 90 проценти.

МААЕ сака да разјасни дали високото ниво на збогатување било намерно постигнато или било ненамерно отстапување, како што тврдат иранските претставници.

Според информациите од Техеран, покрај инспекциите, се преговара и за спорот за се уште необјаснето потекло на траги од радиоактивен материјал на три локации во Иран.

Политичкото раководство на Иран бара да се испеглаат разликите.