Грција се однесува како детиште

Kако го добил Израел своето име? Во пантеонот од прашања од каде доаѓаат имињата, ова е еден од наједноставните. Во Стариот завет, во книгата за Битието 32:22-30, е претставена приказната за тоа како Јаков се бори со Бога. Во 28. стих се вели: „Оној му рече: „Отсега не ќе ти биде името Јаков, а Израел, зашто се бореше со Бога и со луѓето, и победи.

”Оттогаш Јаков, чиј татко беше Исак и чиј дедо беше Авраам, е познат како Израел. Од неговото име се роди нацијата на Израел и неговите синови – дванаесетте племиња на Израел – ги создадоа народот и нацијата.Библијата многу зборува за имињата и за нивната важност.

Првото споменување на имињата во Библијата е во првата глава од Битието, во петтиот стих:

„Бог ја нарече светлината ден, а темнината ја нарече ноќ.“

И даде име. Во Битие 2:19-20, Адам им дава имиња на животните и на птиците.

„Тогаш Господ, Бог, ги обликува од земја сите животни во полето и сите птици во воздухот, и ги приведе при човекот, за да види како ќе ги нарече, па како човекот ќе го именува секое суштество, така да му биде името. Човекот им даде имиња на сиот добиток, на птиците во воздухот и на секое животно во полето.“

Човекот ја искажува својата превласт над животните и им дава име. Библијата е полна примери со чинот на именување и, се разбира, често посочува на „името што е над сите имиња“, името на Исус.

Често кога одам в црква на миса, во проповедта има некакво посочување кон темата за имињата и за именувањето со целата поврзаност со Светото писмо. Минатата недела, на пример, мојот свештеник зборуваше за тоа како тој и неговата сопруга ја крстиле нивната ќерка и како ~ го избрале името – Kолет – кое потекнува од стар француски збор и значи „победа“. Девојчето го добило името Kолет (победа) зашто за малку немало да доживее да се роди. Сега, помислете на своите деца или на името што ви го дале вашите родители – с` се прави со причина.

За жал, претходно месецов, грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, уште еднаш го оспори правото на Македонија не нејзиното име и идентитет на маргините на министерската средба во НАТО велејќи, во изјава објавена по средбата, дека Грција ја „искажала својата подготвеност за компромисно решение кое нуди сложено име со географска одредница за сите употреби (ерга омнес)“. Главниот проблем со оваа изјава е што една држава не може да ~ го диктира името, а со тоа и идентитетот, на друга држава.

Грците секако имаат право да се бунтуваат колку што сакаат околу македонските име, идентитет, јазик, па дури и историја. Но ним не смее да им се дозволи да ја држат во заложништво една држава со два милиона жители поради името. Тоа што на Грција ~ е дозволено да продолжи со своето детско однесување е навреда за идејата наречена Обединети нации и навреда за идејата за Европа како „цела, слободна и во мир“, да ја употребам фразата изговорена од многу американски и европски политичари. Тоа е навреда и за идејата за ЕУ и НАТО како инклузивно организации што го засноваат своето членство врз стандарди и правила – а Македонија ги исполни стандардите на НАТО. Идејата да се дозволи вашите правила и стандарди да бидат сменети поради каприц на една од членките ја побива суштинската идеја дека навистина имате правила и стандарди. Тоа, за возврат, ја побива идејата дека вашата организација има вредности.

Таканаречениот проблем со името нема да исчезне. Македонците го имаат своето име и идентитет и ниедно лобирање во Америка или во Европа нема да го смени фактот дека Грција ќе продолжи да се однесува како детиште. Американците и Европејците – убеден сум – нема да сторат ништо освен да понудат безлични изјави, но ќе продолжат да вршат притисок врз Македонија (но не и врз Грција) да ги смени своите име и идентитет, ветувајќи еквивалент во мир, благосостојба и вечна светлина ако Македонија капитулира.

Со вакво сценарио како сигурно, мојот најдобар совет за Македонија е да продолжи напорно да работи, да ги имплементира реформите, да се придржува до владеењето на законот, да ги привлекува и поттикнува и домашните и странските инвестиции, да ги зацврстува сојузите со оние што имаат исти вредности, да создава услови што ќе му овозможи на приватниот сектор да постигнува успеси, да продолжи да ги применува извонредните образовни стандарди и да остане во чекор со напредната технологија.

Ова е приказна без крај и, во суштина, мора постојано да се продолжува за да се успее. Не постои лесен одговор, но сето ова го гради вашиот карактер како народ и како држава и ги зајакнува силата и стамината. Направи го сето ова Македонијо, и с` ќе биде во ред.

Џејсон МИКО за dnevnik.com.mk (Авторот е менаџер за односи со јавност од Аризона, САД, и долгогодишен набљудувач на состојбите во Македонија и во Југоисточна Европа)