Груби: Дојде крајот на заложништвото и блокадите, возот кон Брисел нема никој да го запре

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска, од обраќањето во Прилеп по повод поставувањето камен-темелник за изградбата на автопатот Прилеп – Битола од Коридорот 10д, порача дека е дојден крајот на заложништвото на иднината на граѓаните и на блокадата на европското интегрирање на државата.

Подгответе се и качете се сите на овој воз што вози кон Брисел кој нема никој да го сопре, апелира Груби.

-Фактот дека сите министри и апсолутното мнозинство на пратениците стојат зад овој проект, е најголема гаранција за сите граѓани дека ниту Мицкоски, ниту Свети Мицко ќе може да го запре овој прект. Овој проект продолжува и сите влади, а следната ќе биде истата како денес, ќе го заврши овој проект и ќе ги пресече лентите. Тоа што го гледате денес во Собранието и тоа што пред една недела го направи Владата на седница, е порака дека е дојден крајот на заложништвото на Собранието, на проектите и на иднината на граѓаните и на Северна Македонија. Оваа владина коалиција и ова парламентарно мнозинство, од минатиот петок демонстрира што значи да се стави крај на апсолутната блокада и заложништво на иднината на граѓаните. Тоа нема да се толерира и се демонстрира дека е дојден крај, потенцира Груби.

Тој упати порака и во однос на македонскиот евроинтеграцискиот процес.

-Така како што демонстриравме дека е дојден крај на заложнштвото и блокадата, така од денес, при изградбата на вакви инфраструктурни проекти, упатувам порака дека е дојдено време да ставиме крај на блокадата на нашето европско интегрирање. Тој проект е почнат со партнерите од коалицијата и никој нема да му застане на патот, рече вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.