Груби-Гир: Уставните промени, клучот за продолжување на интегративниот процес

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби во средата оствари средба со шефот на мисијата на Европската унија во Скопја, Дејвид Гир, и притоа го оцени активниот ангажман на ЕУ во земјата и регионот, известуват од кабинетот на Груби.

На средбата, се наведува во продолжение на информацијата, било разговарано за „Јавниот повик за поддршка на невладините организации“, бидејќи продолжува оваа владина поддршка.

„Процесот ќе биде многу транспарентен бидејќи вклучува претставници од повеќе институции, како и од Советот за поддршка на невладините организации, а во целиот процес на селекција се поканети да учествуваат и претставници од ЕУ“, велат од кабинетот на Груби.

Потребата од уставни измени „за да се отвори дискусијата за европската иднина“ на државата била, исто ткаа, дел од разговорот меѓу Груби и Гир, но и одлуките кои во наредниот период треба да се донесат во Собранието со политички и општествен консензус од сите општествени политички чинители.

Груби и Гир разговараа и за внатрешно-политичките настани во земјава, со фокус на европските трендови и интеграции, како и за успешниот напредок на скрининг-процесот и спроведување на реформите.