Груби го прашува Села зошто „ja жртвува политичката кариера изградена од настанот на 27 април“

Првиот вицепремиер Артан Груби наместо одговор на лидерот на Алијаса за Албанците Зијадин Села за тоа што барал да се шета во модуларната болница во Тетово, по пожарот, возврати со прашање зошто тој не ги посетил семејствата на загинатите и зошто не побара извинување од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за 27 април.

– Зошто Села не го праша Христијан Мицкоски што барал на 27 април во Собранието и зошто тој не побара извинување од Мицкоски и од ВМРО-ДПМНЕ за тоа што му се случи на 27 април. Тоа е прашањето на кое Села треба да даде одговор. Тој треба да им објасни на своите гласачи зошто за потребите на Таравари, за тој да има каква било шанса да се натпреварува во Гостивар, ја жртвува целата политичка кариера што ја изгради врз основа на настаните од 27 април, каде Мицкоски беше дел од толпата која влезе во Собранието. Зошто Села и Таравари не беа во Тетово, да ги посетат семејствата и да го посетат местото каде што се случи огромна трагедија, невидена на нашите простори одговори со прашања Груби.

Села во емисијата „24 Анализа“ рече дека го интересира што барал следниот ден заменик премиерот заедно со група од над 20 партиски членови да шета по модуларната болница која веќе беше изгорена.

– Кога зборуваме за истрагата, дали тоа значи дека со самиот пристап внатре во забрането место, каде се ставаат ленти и каде не смее никој да има пристап, да има фотографии каде тие се присутни внатре. Дали ова оневозможува на истражителите да ја откријат причината за пожарот? Дали некои од тие 20 може да фрли нешто за да служи наводно како доказ дека се најде причината за пожарот? – вели Села.