Груби тврди дека законите за „Бехтел и Енка“ нема да паднат на Уставен суд

Вицепремиерот Артан Груби не верува дека законите поврзани со „Бехтел и Енка“ ќе паднат на Уставен суд, затоа што, како што рече, во нив го нема спорното работно време од 60 часа.

– Нема да паднат на Уставен и не гледам причина зошто би имало иницијатива кога во Законот за работни односи го нема спорното работно време од 60 часа. Законското решение предвидува дека работниците кои ќе сакаат да работат прекувремено ќе мора да потпишат согласност и за тоа ќе мора да им се плати. Се координира целата работа со правната служба во Владата, со Законодавно-правната комисија, со сите експерти што ги има Владата, и министерствата и Министерството за труд и социјална политика, така што нема апсолутна никаква причина ниту да се оспори, ниту да се разгледува, претпоставувам од Уставниот суд – рече Груби.

Прашан зошто не е доставен договорот до Антикорупциската комисија во целост, тој рече дека Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) добила редактирана верзија од компанијата „Бехтел и Енка“.

– Договорот има клаузула за доверливост и за да се достави до медиумите, до ДКСК, до пратениците, освен до Јавното обвинителство, мора да има согласност од двете страни и од Владата и од конзорциумот. Тие ни доставија редактирана верзија која е доставена до ДКСК, а Јавното обвинителство има целосна верзија – додаде првиот вицепремиер, кој е главен координатор за изградба на коридорите 8 и 10Д.