Груби: За ДУИ е прифталив секој мандатар кој ќе го предложи СДСМ

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска истакна дека ДУИ смета оти Зоран Заев треба да остане на позицијата премиер додека да се стабилизира парламентарното мнозинство, да заврши процесот на реконструкција на Владата и секако за да се решат клучните стратешки прашања. Сепак, додава тој, за ДУИ е прифатлив и друг мандатар, кој ќе го предложи СДСМ.

– Зошто не би бил прифатлив нов мандатар. Ја почитуваме одлуката на СДСМ, кого и да изберат тие за претседател, кого и да го предложат за мандатар секако, изјави денеска Груби, одговарајќи на новинарско прашање.

Во врска со влегувањето на Алтернатива во Владата и прераспределбата на министерствата, а на прашањето зошто ДУИ отстапила толку важни позиции, Груби нагласи дека при услови на преговарања меѓу постоечките коалициски партнери и нови коалициски партнери коишто ќе дојдат, „сите отстапуваат места коишто ги имаат дотогаш“.

– Ние всушност во Владата отстапивме од МИОА, но го добивме ресорот земјоделие, којшто е многу голем и каде што имаме многу, многу значајни проекти, коишто ги имаме зацртано во нашата програма и за коишто ни е многу значајно да ги имплементираме, посочи Груби.

Тој најави дека деновиве ќе се разговара за соработката со Алтернатива на локално ниво и изрази надеж дека таква соработка ќе има.