Груевски: Да се почекаат резултатите од медицинските анализи и наоди на МВР за настанот од Гостивар

Да се почекаат резултатите од сите медицински анализи  и наодите на Министерството за внатрешни работи во врска со настанот кој што се случи вчера во средното економско училиште во Гостивар, каде што ученици и професори со симптоми на труење беа префрлени на Клиниката за токсикологија.

Ова го истакна денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на новата лабораторија на ФЕИТ.

„Добро е што сите се заминати од болницата и се во одлична здравствена состојба без одредени последици, но она што би апелирал е да се сочекаат резултатите од сите медицински анализи и, се разбира, наодите на МВР. Кога ќе бидат 100 отсто подготвени ќе ги објават. Тие веќе имаат свои согледувања. Првичните резултати даваат согледувања, меѓутоа практиката во оваа сфера, како во медицинската така и во полициско-детективската е додека 100 отсто не се истражи да не се излегува со изјава, така што би апелирал да се почека“, рече Груевски.

Лекарскиот тим, како што рече тој, синоќа беше целосно ангажиран и исто така екипите на МВР беа на лице место во сите болници каде што беа сместени децата.

„Кога слушнав за овој настан отидов да видам за што се работи, едно заради здравјето на самите деца, да видам што се случува, дали е некој во животна опасност, дали треба нешто да се алармира, дали треба да се покрене некој поголем степен на безбедност, дали треба да се повикаат лекари од дома… Особено во услови кога министерот за здравство во моментов е на службен пат. Затоа бев лично таму и второ, за да видам да не се работи за нешто друго што е надвор од регуларните здравствени текови“, додаде премиерот.