Груевски до неопределените гласачи:Бидете зад нас за да се справиме со уцените од ДУИ

Премиерот Никола Груевски синоќа на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во Скопје се обрати до неопределените со порака: вашиот глас е важен за нас, важен за Македонија.

„Вашиот глас ќе одлучи дали ќе ни дадете ветер во грб, за да продолжат проектите, делата, реформите, за кои сме убедени дека ќе им помогнат на многумина граѓани. Да бидете зад нас за да се справиме со уцените на ДУИ како и со другите предизвици важни за државата и за нашиот идентитет. Вашиот глас е важен за нас, важен за убедливоста на нашата победа, за очекуваните 62 пратеника, за да не дозволиме некој да не уценува…Проектот на ДУИ за двојазичност на целата територија на РМ не е одраз на реалноста во Македонија, ниту дел од Рамковниот договор, затоа бараме 62 места во Парламентот. Консензуален кандидат и промена на Уставност тоа не е реалност,“ рече Груевски.

Во своето обраќање премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ најави нови реформи во образованието, социјалата и здравството.

До септември 2014 ќе се реализира проектот еднократен отпис на долговите за најранливите категории граѓани – за неплатена струја, за минусни банкарски салда, неплатени долгови за парно греење, за радиодифузна такса…

За студентите секој четврток ќе биде бесплатен градскиот и железничкиот превоз и жичарницата на Водно, а во тој ден од месецот тие бесплатно ќе ги посетуваат и музеите, театрите и кината во државата. Учениците и студентите со попуст од 50 проценти на билетот ќе ги користат услугите на „Македонски железници“. Младите до 27 години во еден викенд во месецот ќе имаат право на бесплатен повратен билет да патуваат со воз.

Ќе продолжи мерката за едногодишно ослободување од плаќање придонеси за работодавачите кои ќе вработат млади лица до 29 години под услов да ги задржат на работа 12 месеци.

Наставата ќе се осовременува со набавка на нови 300.000 таблет-компјутери за сите ученици (основци и средношколци), набавка на интерактивни табли и внесување нови дигитални содржини, ќе се воведе образовниот систем од Кембриџ, најпрво за математика и природни науки, а подоцна и за други предмети, воведување на предмет програмирање уште во основното училиште за да се развие ИКТ знаењето во Македонија.

Спортската академија ќе има дисперзирани паралелки во Велес, Гостивар, Охрид, Штип, Струмица, Битола, Прилеп и во Куманово и ќе се развива и училишниот спорт со професионални тренери за што поголемо вклучување на ученици.

„Ќе следи изградба на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје и клиничката болница во Штип, ПЕТ-Центарот и реновирање на поголем број болници, меѓу кои „Св. Еразмо“ во Охрид, Струмичката болница, „8 Септември“, „Св. Наум Охридски“, Психијатриската болница во Демир Хисар,“ рече Груевски, кој наведе и дека ќе се воведуваат нови лекови на позитивната листа и пристап до нови, современи лекови, воведување поливалентни вакцини препорачани од СЗО.

Меѓу 2.046 проекти од новата програма „Проверено“, е и можноста на граѓаните од автомати низ градовите да добиваат документи од различни институции (изводи, имотни листови, докуемнти од УЈП и Катастар), како и можност со картичка да ги платат сметките за  струја, вода, телефон…