Груевски: Германски „Костал“ ќе отвори нови 1000 вработувања во Охрид и охридско

-Официјално стартува почетокот на производствените активности на германската компанија Костал, водечки извозник на технолошко напредни и иновативни производи во автомобилска индустрија, а ќе произведува електронски и електромеханички производи кои ќе се вградуваат во познати и луксузни автомобили во светот како Мерцедес, БМВ, Ауди, Порше и други, додава Груевски.

Во својата почетна фаза, Костал ќе започне во дел од адаптираниот објект на поранешниот ЕМО Охрид како браоунфилд инвестиција планирајќи да ги шири своите капацитети и во останатите делови од тој објект.

-А согласно бизнис планот компанијата по одреден период на години ќе се прошири и во нов гринфилд објект во ТИРЗ Струга со што плановите се бројката на вработени да надмине 1000 вработувања. И покрај новиот објект во зоната, капацитетите во адаптираниот објект на ЕМО ќе продолжат да работат паралелно. Во наредните два месеци планот е во него ќе бидат вработени околу 100 луѓе и оваа бројка постепено ќе расте до планираните 1000 вработувања. Ова ќе значи сигурна егзистенција не само за луѓето во Охрид и охридско, туку и можност за вработување на жителите од Дебарца, Струга, Кичево. Разговорите за реализација на оваа инвестиција траеа долго, објавува Груевски.

Првиот чекор е направен од Алек Никовски уште пред четири години, односно во 2012 година. Во процесот на преговори во Владата и во седиштето на оваа компанија многу важен дел била и поддршката на Зоран Ставревски и Виктор Мизо кои неуморно работеле за време на целиот процес за оваа инвестиција да стане реалност.

-Одлуката за инвестирање на компанијата беше соопштена во 2014-та, а договорот за реализација на инвестицијата беше склучен во ноември 2015-та година. Денес почнува со работа оваа компанија, која само покажува дека носењето на нови инвестиции не е лесен процес, но и дека ние нашите ветувања ги остваруваме. Покрај ова се привршува и градбата на фабриката на Германската ОДВ Електрик во ТИРЗ Струга, инвестиција од околу 1000 вработувања и планот за околу еден месец да почнат со преселување од адаптираниот објект во кој сега работат, во новоизградената фабрика. Дадениот збор за нас е обврска. Вака се бориме за Македонија, со нови работни места, наспроти деструктивноста од опозицијата, со поддршка и реформи за силна економија, наспроти продуцирањето на конфликтност, со нови мерки и проекти за подобар стандард и напредок на државата, наспроти опструкциите на опозицијата и наметнувањето на криза на штета на државата. Тоа граѓаните го препознаваат, тие најдобро чувствуваат кој работи и придонесува. Нека е среќно со новата инвестиција за нови 1000 вработувања, пишува Груевски.