Груевски: Граѓаните се газди на оваа земја, ќе испратат порака не само до локалните политичари, туку и до тие “од горе“

Груевски посочи дека и Заев и Радмила, неколку пати губат, но никако не ја сфаќаат пораката од граѓаните.

-Радмила го преживеа најголемиот пораз во историјата на политиката и мува не ја лази. Во 2008 беше кандидат за премиер и го доживеа најголемиот пораз во историјата на политиката во Македонија. Шета насмеана, како ништо да не се случило. Тоа е она потценување на народот и доказ дека тие луѓе не може да ја сфатат лекцијата од народот. Заев исто така, човекот запнал премиер да биде. Им се фали на албанските политичари дека го спремале од горе. А, народот, што ќе правиме со народот. Од горе нека го спремаат, а овој народ тука? И него ли од горе ќе го спремаат? Епа не можат од горе народот да го спремаат. Можат Заев да го спремаат, ама народот тешко одозгора да го спремаат. Тоа што народот ништо не му верува и не го сака, тоа за него и не е нешто важно. Тоа е тоа потценување кон сопствената држава и кон сопствениот народ. Затоа овојпат ќе претрпат историски пораз затоа што оваа одлука не е само против нив туку и против сите кои го потценуваат овој народ, рече Груевски.

Тој нагласи дека победата на ВМРО-ДПМНЕ која следи на 11 декември, ќе биде порака не само до локалните политичари кои знаат да се стават на располагање на некои други од горе како што викаат тие, туку ќе биде порака и за тие од горе, и на нив да им се прати порака, дека во оваа држава тука, газда на оваа земја е народот на оваа земја, граѓаните на оваа држава.

-Знам дека многумина од вас, се каеја после неуспехот на референдумот за територијалната распределба. Се сеќаваме на тие времиња пред 11 години, сфатија што значи тоа за државата сите. Овојпат сите ќе излезат и нема да остават простор некој да помисли дека може да си игра со државата. Со други зборови видовме што не снајде после референдумот, особено луѓето што ивеат во одредени делови на Македонија. Со тоа што тогаш, излегоа многу но не доволно. Затоа кога повторно сме пред таков сличен момент, како што беше тој кога беше референдумот во 2005 година. Сега е сличен момент и грешката не смее да се повтори. Тогаш кампањата за референдум ја предводеше ВМРО ДПМНЕ и многу јасно укажувавме што следува во Македонија. Сега повторно ВМРО ја предводи оваа кампања заедно со коалицијата За подобра Македонија, пак укажуваме што следи. Но, народот сега е многу поискусен, народот сега виде, виде особено што се случи, во Кичево во Струга, во некои делови на Скопје, а гледа и што се заговара сега. Затоа убеден сум дека овојпат излезноста, гласањето, одлучноста ќе бидат масовни како никогаш во историјата на Република Македонија, рече Никола Груевски во своето обраќање пред неготинчани.