Груевски: Инфраструктурата и претприемништвото приоритети во економската политика

Трибина посветена на економијата, инфраструктурата и претриемништвото одржа поладнево ВМРО-ДПМНЕ, на која претседателот на партијата Никола Груевски се осврнаа на политиките, проектите и реформите во изминатите години со кои државата успеала да помине со полесни последици во светската криза и европската должничка криза.

Во изминатиот период Европа помина низ најголемата светска рецесија во последните 80 години. Последиците од светската економска криза и од европската должничка криза повеќе или помалку се чувствуваат и денес. Во оваа криза потклекнаа бројни економии, а истата имаше силни реперкусии и врз Република Македонија. Сепак може да се каже дека Македонија беше меѓу ретките држави во Европа која помина со полесни последици. За мала економија како што е нашата, таквиот подвиг не ќе беше можен доколку тргневме во дефанзива и доколку чекавме кризниот бран во целост да не поклопи. Ние направивме чекори пред појавата на кризата кои што многу ни помогнаа, на пример предвреме се раздолживме кон кредиторите и нивото на долг пред да започне кризата го сведовме од околу 40 отсто државниот долг на некаде околу 24 отсто, што беше одличен чекор во контекст на подготвено очекување на светската криза, а по неа и европската должничка криза. Тоа ни помогна ние да не се вброиме во земјите што не можат да си го вратат долгот. Ни помогна да бидеме многу посилни и поотпорни на кризата која што следуваше, истакна Груевски.

Потенцираше дека тогаш биле критикувани од опозицијата зошто предвреме се раздолжиле.

Кажуваа дека сме можеле со тие пари што ги дадовме за предвремено раздолжување да инвестираме во едно или во дуго поле, да направиме ова или она. Ние кажавме не, ние сметаме дека пред се треба да имаме стабилно тло, да не сме задолжени многу и да имаме стабилен економски раст со низок долг. Тоа беше еден од првите чекори што го направивме по доаѓањето на власт во 2006 година, предвремено раздолжување кое пак беше овозможено од новите политики што ги воведе ВМРО-ДПМНЕ во економијата, пред се драстично намалување на даноците, воведување на рамен данок и редица други проекти и чекори што ги превземавме, кои ни овозможија сериозен суфицит во буџетот и со тој суфиците го направивме предвременото раздолжување. Ние не дозволивме кризниот бран во целост да не поклопи, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Зборувајќи за резултатите низ бројки, Груевски рече дека тие се темелат на работа врз голем број проекти, многу труд и фокусираност на бизнисот, претприемништвото, иновациите, истражувањата и поддршка на севкупната економија.

Добар дел од стратегијата за економски напредок, рече тој, се базира и на капиталните инвестиции во инфраструктурата, посочувајчќи дека се модернизирани двата аеродрома и се изградени многу патишта значајни и за стопанството и за граѓаните.

Во моментов е во тек изградба на три автопати во должина од околу 142 км и 13 регионални патишта во должина од 165 км, што за големина како нашата држава е огромен инвестициски зафат. Завршена е изградба и реконструкцијата на над 400 локални патишта низ државата. Севкупните инвестиции за изградба на патиштата во изминатиот период надминуваат една милијарда евра, додаде Груевски и посочи дека се подготвува нова програма со која ќе биде опфатена изградба или реконструкција на многу нови делници, автопати, нови регионални и локални патишта и неколку експресни патишта.

Посебен акцент на трибината беше ставен на важноста на претприемништвото и мерките кои ги презема Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да се поттикнуваат младите да бидат креативни и иновативни, да бидат храбри за отворање бизнис и за да се смени свеста за овој сегмент од економијата кој бил запоставен во минатото.

Груевски посочи дека во однос на претпримеништвото Македонија испишува нова историја, спомнувајќи ги мерките, межу кои воведување предмети за претпреимништво во основното и во средното образование, медиумска кампања за поттикнување на мали бизниси и создавање на Фондот за инвации кој им помага со грантови на луѓето што имаат идеи. Рече дека за оваа година Фондот ќе има двојно поголем буџет за луѓето кои сакаат, се обидуваат и планираат иновации.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ исто така потенцираше дека продолжуваат и нивните напори за зачленување на земјата во НАТО и ЕУ.

Во продожение погледнете го целото обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.