Груевски: Избори нема да има

Премиерот Никола Груевски на денешниот собир во спортскиот центар Борис Трајковски пред толпата граѓани, симпатизери и членови на ВМРО ДПМНЕ им порача на Заев и СДСМ да не се плашат, избори ќе нема, но затоа не им бега сериозен одговор.

– Кога за првпат до нас допре идејата на некои општински комитети за организирање на ваков настан, помисливме како да го направиме, а да не изгледа како митинг. Знаете, опасно е ако изгледа дека правиме митинг, опонентиве ќе си речат, овие тргнаа на избори. И ете проблем. Здравствен за некого, а за друг обврска да смислува изговори како да не учествува на избори.
Еве за да им ги скратиме маките на почеток, ние одбравме да направиме настан во спортскиот центар „Борис Трајковски“, спортски центар, кој се изгради со помош на оваа влада, но како што гледам по интересот за овој настан, мислам дека и Партизанска и Илинденска ќе ни беа прекратки за митинг. Но има време за митинзи. Еве, за да им ги скратиме маките, им кажувам, не грижете се, нема избори, нема потреба да се плашите, барем не до толку. Нема избори, но ќе има одговор. Сериозен одговор! Е тоа не им бега!

Ова е нашиот одговор до СДСМ, силата на ВМРО –ДПМНЕ е во народот, кој нè поддржува, во народот, кој е со нас сиот овој изминат период, во народот што ни ги познава слабостите, кој нè укорува за грешките, но и кој ни ги знае предностите, народот кого го слушаме, за кого се трудиме и работиме – порача премиерот Груевски.

Груевски ѝ порача на опозицијата дека македонскиот народ е мирен и спокоен, но не дај Боже да му брцнеш в око или да се обидеш да го излажеш.

– Ние не сакаме преку ноќ некој да дојде (по можност да е од странство, нели) и да нѐ донесе или остави на власт, и да ни дава разни нелегални, креирани, сценарија на тацна, без да се помачиме, без да знаеме дека сме алтернатива, дека народот е со нас. Не. Тоа кај другиве. Кај нив тоа проаѓа, кај нив се проаѓа. Тие би ја направиле таа работа како што гледаме, Што поскоро, тоа подобро. Ние сакаме да ја заслужиме довербата. Колку лесна би била политиката ако би функционирало така како што тие тераат, зар не!?
Седи си дома, спој си се со агентурна мрежа, која работи за странци, и оп, си мислиш ќе дојдеш на власт. Колку лесно било така.
Не е нашиот народ наивен, воопшто не е. Овој народ поминал многу во минатото, нашиот народ е мирен, спокоен, семеен, сака сигурна иднина, сака извесност, и не дај Боже да му брцнеш во око, или да пробаш да го излажеш и изманипулираш. Тогаш не те спасува ни странец обвинител, ниту пак нарачани од некого изјави и натписи по странски медиуми, тогаш ни Владе Милчин, ни Фрчко, а Бога ми ни Супермен не може да те спасат. Кога ќе зацапаш по пат како нивниот, кој е полн со недоречености, интриги, измами, сценарија и туѓи интереси, тогаш е многу тешко да се вратиш од тој пат. Тогаш си цело време заложник на тој на кого си му ја продал душата. Нашиот народ не го поддржува тоа. Доказ за тоа се овие луѓе тука, доказ за тоа се илјадниците писма и пораки кои ги добиваме изминатиов период, доказ за тоа се на крај и истражувањата и анализите, кои очигледно некој не сака да ги објави, а кои јасно покажуваат дека ова не им проаѓа, дека ова не им успева, дека народот ги има прочитано и дека народот во нив не гледа никаква алтернатива. Народот ги слуша, но не ги одобрува, ги слуша но не ги оправдува и поддржува. Затоа што народот бара од политичарите да бидат одговорни и да им понудат излез, извесност, иднина, проекти, програма, конкретни мерки, работни места, повисок стандард, остварени ветувања, кои ќе значат подобар живот за граѓаните и повеќе можности за секој од нив – рече Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.