Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска оствари средба со жителите на селото Шипковица. Речиси 90 проценти од штетата од невремето кое пред една година го погоди ова населено место е санирана.
Државата досега исплатила 500 илјади евра на жители од Шипковица, чии домови и имоти беа погодени со невремето проследено со навеви и лизгање на земјиштето. Проценетата штета изнесуваше 75 милиони денари.
Жителите на Шипковица го пречекаа Груевски со благодарница за она што Владата и тој го направиле за нив во изминатата година.
Тие истакнаа дека санирана е речиси 90 проценти од штетата, но побараа помош од Груевски за санирање на уште неколку куќи, но и патот над селото и за карпата која што би можела да предизвика штета при евентуално ново невреме.
– Владата исплати околу 25 милиони денари во декември на Бирото за судски вештачења. Потоа се утврдило дека треба уште 8,5 милиони денари затоа што имало некоја грешка од страна на Бирото за судски вештачења и во јули се исплатени и тие средства на општина Тетово. Така што тие се најверојатно во тек на исплата или треба да се исплатат брзо. Од тој аспект колку што сум информиран од страна на надлежните, Владата ја има завршено обврската и сега треба да се заврши останатиот дел преку општината, рече Груевски во разговор со жителите на Шипковица.
Во разговорот со него жителите беа благодарни за активностите што ги презела Владата.
– Тоа што го рече Никола Груевски, тоа го оствари, со еден збор 90 отсто. Некои луѓе не се задоволни, но сите ние имаме проблеми. Најбитно за ова село е каналот што ја прави поплавата во селото и за коишто претставници на Владата и на други организации мереа, рече еден од жителите.
Во однос на карпата која исто така би можела да претставува проблем во селото при евентуално невреме, Груевски рече дека ќе се заложи и ќе направи се што може да им помогне на мештаните за обезбедување на местото.