Груевски: Камен темелник на „Чагатај Кабло“, нашиот концепт е секогаш инвестиции и работни места

214

Денеска се поставува камен темелник на турската инвестиција „Чагатај Кабло“ во ТИРЗ Скопје, објави на својот Фејсбук профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„И ова е една од инвестициите на која се работеше подолго време. Од компанијата објавија дека ќе инвестираат во месец декември минатата година, а на 17-ти мај оваа година потпишавме и договор за инвестирање. Иако беше предвидено фабриката да почне да се гради во месец јули, денес почнува градбата на капацитет кој ќе обезбеди работа на 200 луѓе. Оваа компанија е добавувач на белгиската фабрика за производство на автобуси Ван Хул која ја донесовме и која инвестираше во истата зона во Скопје. Чагатај Кабло ќе се простира на 6 илјади и 700 метри квадратни, а истата компанија во Турција има фабрика од 14 илјади метри квадратни. Ќе инвестира 3 до 6 милиони евра и ќе вработи 200 луѓе во прва фаза“, пишува Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира притоа дека тоа е дел од концептот што го развиваше и реализираше владата што ја предводеше.

„Токму концептот кој го застапувавме на носење на големи странски компании допринесе во Македонија да инвестираат и нивните добавувачи, кој пак најчесто соработуваат со домашните компании. Ова обезбеди над 20 илјади вработувања само во зоните, и голем број надвор од зоните и работа за многу домашни компании. Овој концепт е граден со години, и треба да се продолжи наместо да се урива, а актуелната власт го прави токму тоа. Би бил среќен кога во Македонија би инвестирале, не само оние кои претходно сме ги договориле, сме потпишале договори, и се обврзале да инвестираат, туку да има нови кои ќе инвестираат. Засега таквата бројка е нула нови странски инвестиции. Токму ваквиот пристап и другите пропусти во економијата имаат видливо влијание на забавување и негативни макроекономски показатели. Нашиот концепт е спротивен на ова. Секогаш инвестиции, секогаш борба за нови работни места и сигурен стандард, секогаш работа, секогаш Македонија“, објави Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.