Груевски: Македонија ќе стане лидер во здравството во регионот

Изминавме еден период во кој за прв пат во Македонија се појави политичка гарнитура која знае да застане зад стратегија и да опстане зад дадениот збор. Изборите се еден вид на договор меѓу граѓаните и кандидатите. Граѓаните даваат доверба и очекуваат ветеното да биде испорачано.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со овие зборови се обрати на трибината отворена за сите граѓани во Гевгелија, пренесува „Курир“.

„Ние се посветивме внимателно во сите сфери и одредивме што е она кое со сигурност ќе го исполниме. Иако кога ги дававме ветувањата, не беше време на криза, ги исполнивме ветувањата и направивме работи кои не ги ветивме. Останавме доследни на зборот дека ќе бидеме Влада која макотрпно ќе работи секој ден и така ќе продолжиме. Многу се изостанало во минатото и мора да се работи за да се решат проблемите. Ние не ветивме дека ќе ги решиме сите проблеми, тоа не е ни можно, но посветено работевме и решивме најголем дел од проблемите“, рече премиерот.

Тој посочи дека ќе ја продолжат континуираната грижа кон земјоделците и истакна дека 140 милиони евра во буџетот се наменети за поддршка на земјоделието.

Најголем осврт во својот говор даде на инвестициите и реформите во здравството

„Сто милиони евра се одвоени за здравството. Набавивме многу работи значајни за здравството, инвестиравме уште 100 милиони евра за реконструкција и градба. Лекарите се обучуваат во најсовремените здравствени центри за да научат нови методи на работа и овде да помагаат и на колегите, но најмногу на пациентите“, рече премиерот.

Тој посочи дека секое негово патување, политичко или економско, го користи и да се види со менаџментот на познатите болници, каде бара доктори од таму да дојдат во Македонија да обучуваат свои колеги.

„Проблем број еден за секој граѓанин е проблемот со здравјето. Тогаш доаѓа до израз колку докторите ни се обучени, каква апаратура имаме. За неколку години, со ова темпо на инвестиции и обуки во здравството, Македонија ќе стане лидер во здравството во регионот. Колку и да изгледа сега ова нереално, тоа е нашата цел за наредниве 5-6 години“, рече Груевски.

Премиерот потенцира дека Владата останува посветена во сите сектори и води континуирана грижа за граѓаните од сите категории.