Груевски: И покрај кризата продолжуваме да спроведуваме економски политики кои носат развој и работни места (Мегаинтервју – петти дел)

сорос

Една третина до една половина се дебело платени од организаторите, главно НВО. И тие се најголем дел од агресивните. Тоа се луѓе што не само што се платени, туку живеат од тоа плаќање. Големи пари се трошат за сето ова.. Има и т.н. хејтери или мразачи, кои се на секој протест и го мразат секого што е на власт, бидејќи причините за своите лични неуспеси ги бараат кај власта, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за учесниците во демонстрациите кои се случуваат во Скопје.

Во продолжение имате можност да го прочитате петтиот дел од мегаинтервјуто на Никола Груевски за Телеграф.мк. Тој во последниот дел од интервјуто се осврнува на економијата, влијанието на кризата врз економските текови, како и на идните активности во поглед на развојот на економските односи и привлекувањето на инвестициите.

Т: Три нови инвестиции претходната недела, во само една седмица. Како генерално оди со инвестициите во овој период на политичка криза. Во која мера политичката криза се одрази на економијата?

– Да, отпочнаа три нови инвестиции во само 7-8 дена, кои ќе отворат над 2.000 директни нови работни места. Тие сигурно ќе отворат и 500-600 индиректни работни места.

Тоа е нешто што многу ме радува. Тоа е конкретно и директно решавање на најгорливиот проблем на граѓаните, невработеноста. Нешто што беше и во врвот на моите приоритети во сиот изминат период и еден од главните мотиви да влезам во политиката.

Да потсетам, стартувавме со околу 38 отсто невработеност, а ја сведовме на 24,6 отсто. Од вкупно 560 илјади вработени луѓе во земјата во 2006, стигнавме до над 710 илјади, или над 150 илјади новоотворени работни места. Колку и сè уште да е висока невработеноста, пред 10 години за многумина оваа бројка беше само сон и изгледаше недостижно.

Уште повеќе ако се потсети дека ова се оствари во услови на една светска и европска економска криза, кои заедно траеја околу 4-5 години, значи речиси половина од нашето работење, а еве една  и пол година и во домашна политичка криза, која си има свое негативно влијание и на економијата. Како водечка партија во Владата ќе продолжиме со спроведување на економски политики кои овозможуваат отворање нови работни места.

Т: Ќе има ли нешто ново на тој план?

– Да, еве, можам само накратко да кажам дека наскоро планираме втора фаза на проектот „Македонија вработува“, кој даде одлични резултати и овозможи околу 19 илјади вработувања во само една година и се покажа за високо успешен. Продолжуваме со позитивни мерки кои ќе значат нови работни месата и зацврстување на економијата.

Т: Дали овие мерки или, пак, некои други мерки може да донесат и повисоки плати во Македонија?

– Индиректно, ваквите отворања на нови работни места постепено ќе доведуваат до притисок на пазарот на работна сила во правец на зголемување на платите на работниците. Ова ќе се случи затоа што колку помалку има невработени, толку повеќе ќе расте цената на трудот. И обратно. Кога има премногу луѓе што по секоја цена бараат работа, цената на трудот опаѓа.

Ова, пак, ќе значи подигнување на заработувачката и на животниот стандард на населението.

Ако еден работодавач има на располагање илјадници невработени што би работеле за, на пример, 200 или 300 евра месечно, зошто тој би плаќал повеќе. Но ако има многу малку такви, и згора на тоа поспособните веќе се вработени, а нему му требаат такви, тогаш тој самиот, без некој да го тера, без штрајкови или владини интервенции, ќе почне да нуди повисоки плати.

Значи, патот до реално повисоки плати и повисок животен стандард оди преку намалување на невработеноста, што истовремено мора да е проследено и со зголемување на продуктивноста. А токму тоа се случува во овие години. Постојано намалување на невработеноста преку создадени одлични услови за водење бизнис и одлична воспоставена мрежа на контакти со потенцијалните инвеститори.

Погледнете, кога дојдовме во Владата Светска банка нè рангираше на 94. место во светот, според условите за водење бизнис. Сега нè рангира на 12. место во светот и шесто во Европа, и тоа веднаш зад четирите скандинавски земји и Англија кои, пак, имаат далеку поголеми трошоци за работа и производство.

Како прв човек на најголемата владејачка партија, која пред сè е насочена кон приоритетите на граѓаните, овој процес детално го следам. Еве, од почетокот на годинава досега имаме 17 нови странски инвестиции. Дел од нив почнаа градба на фабрика, дел работат во некој постоечки, а претходно напуштен објект, дел по долги преговори потпишаа договор со Владата, дел ги завршија инвестициите и почнаа со работа.

Т: Ве обвинуваат дека ги запоставувате домашните инвеститори за сметка на странските?

– Не би се согласил, домашните инвеститори не заостануваат зад странските, тие отвораат сè повеќе нови работни места, но главниот генератор на извозот станаа новите странски инвестиции, што е нормална појава, тие се економски посилни и со поголеми капацитети.

Влегоа крупни глобални компании чиј пазар е целата планета и кои имаат огромен капитал и искуство. Уште поважно е што новите странски инвестиции почнаа да работат со домашните компании. Само лани, купиле стоки во вредност блиску 50 милиони евра од домашните компании. Оваа бројка од година во година ќе расте, бидејќи домашните инвеститори сè повеќе стануваат свесни за новите можности за соработка со фабриките на големите конгломерати кои им пристигнаа во соседство, како никогаш досега.

Ги променивме условите, стекнавме доверба во постојаноста на нашите економски политики и сега работите се движат со солидна динамика.

Во слободните економски зони влегоа и првите две македонски фабрики што ги исполнуваат условите и кои го побараа тоа. Едната веќе се гради, втората се проектира. Добредојдени се и други ако има интерес и ако ги исполнуваат условите.

Имаме преговори со поголем број други инвеститори кои се во тек. Верувам дека дел од нив ќе завршат со успех.

Т: Колку политичката криза се одрази на инвестициите и на отворањето нови работни места?

– Се одрази и сè уште се одразува. Успесите ќе беа поголеми ако ја немаше кризата. Иако имаме солидни резултати во едни вакви услови, знам дека ќе имавме уште подобри ако не беше кризата. Лани дури и во услови на политичка криза имавме 30 странски инвестиции. Но некои компании се откажаа или го пролонгираа доаѓањето, пролонгираа посети за преговори во екот на кризата, некои ја пролонгираа одлуката за инвестирање, а некои отидоа во други држави.

Дел од нив ни кажаа дека во вакви услови се чувствуваат несигурно да инвестираат, а и не се сигурни дали банките ќе ги поддржат кога има политичка криза и неизвесност. Дел од нив отворено велат дека се плашат дека ако опозицијата дојде на власт ќе се сменат атмосферата и условите за правење бизнис и ќе пораснат даноците.

Некои од нив ги анализирале економските политики на СДСМ кога тие беа на власт и се плашат од враќање на старото време. Едноставно, дел од компаниите се исплашија и решија или да одложат со одлуката или да одат во друга земја.  Но, меѓу останатото, тоа за жал е и целта на опозицијата со создавањето на политичката криза. Неслучајно во секоја наша изјава го слушате зборот деструктивна опозиција.

Наместо да ги детектираат нашите слабости или да осмислат подобар концепт, кој би дал уште подобри резултати, тие целата своја енергија ја насочуваат кон намалување на нашите успеси, успесите од кои корист имаат Македонија и сите граѓани во неа. Тоа значи деструкција. Не можам да станам поуспешен од тебе, ама ќе те направам тебе помалку успешен, па така некако да добијам шанса да те победам на избори. Тоа го прави раководството на СДСМ денес и низ годините. А тоа народот го препознава и го казнува на изборите. Но Заев тоа сè уште не го разбира. Или еве земете го примерот со обврзницата.

Најголем дел од земјите проектираат одреден дефицит во буџетот заради забрзан развој на економијата и дел за враќање на стари долгови. Значи, речиси секоја земја работи на истиот начин. Тој дефицит го покриваат од два извора, надворешен, најчесто преку издавање обврзница и внатрешен со домашни обврзници кон банките, кои на тој начин го решаваат вишокот средства во моментот. И тоа се планира на годишно ниво.

Што направи СДСМ? Ја искористи можноста со заменик-министерот за финансии кој имаше право на вето, со цел на веќе усвоениот буџет да му обезбедат обврзница само за половина година, за веќе во месеците пред избори да почнува да снемува ликвидност и да доцнат плаќањата, и кон фирмите и кон граѓаните, пензионерите, социјалните случаи, земјоделците, платите на полицијата, војската, лекарите, наставниците, администрацијата.

И зошто сето ова? За тие, граѓаните и компаниите да се лути, и да не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а тука СДСМ смета дека тие се алтернативата. А за иронијата да биде поголема, токму најголем дел од таа обврзница беше за враќање на стар долг на државата, кој исто така со издавање обврзница, со поскапа камата, го направил СДСМ пред десет години.

Т: Во јавноста има страв кај граѓаните од штедење во банките, колку е тоа реално?

– Истата операција за која зборувам се обидоа да ја прават и преку два други метода. Притисок врз банките да не купуваат државни обврзници, иако тоа е и од нивна корист, и вештачко и без основа создавање хистерија меѓу населението за преку создавање психоза да го натераат да си ги повлекува депозитите од банките, што покрај директниот притисок, некогаш и јавен, исто така влијае на банките во правец на задржување на средствата што ги планирале за купување државни записи, затоа што им требаат пари да ги исплаќаат извлекувањата на депозитите.

И овде најголем губитник пак се граѓаните, затоа што многу загубија на камати, поради прекин на орочените депозити, но кој во СДСМ се грижи за граѓаните. Гувернерот на НБРМ деновиве изјави дека граѓаните со ова извлекување на парите загубиле околу четири милиони евра, верувајќи им на шпекулациите на СДСМ.

Инаку, дел од банкарите подлегнаа на притисокот. Не толку на оној јавниот, колку на приватниот, како што е објавувањето приватни снимки за некои од нив.

Јас вака ќе им порачам на луѓето од СДСМ: многу напор, а никаков ефект за нив. Многу проблеми за гласачите, за народот, ама гневот наместо кон нас отиде кон нив. Тоа го гледам низ истражувањата на јавното мислење кои ги правиме во овој период, кој е период во кој СДСМ пополека, но континуирано дополнително ја губеше својата поддршка кај народот, а со иста динамика растеше довербата кон ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е затоа што луѓето веќе разбираат сè.  И не може еден тип како Заев да ги прелаже, колку и да мисли тој дека може. Гледаат луѓето и сè следат. Можеби може на краток рок нешто да ги измами, но набрзо сè се открива. Па потсетете се, пред секои избори СДСМ креира психоза дека ќе има девалвација. И во 2008 и во 2011 и во2014 година беше исто.

Од СДСМ јавно зборуваат дека ако дошле на власт минималната плата ќе ја направеле 200, а просечната 500 евра, а барем цела Струмица, ако не и пошироко знаат колку плата нивниот претседател им дава на своите вработени во неговите приватни фирми.

Плус, просечна плата не се прави со декрет и со политичка одлука, туку со многу нови инвестиции, драстично намалување на невработеноста, и тоа што пред малку го објаснив. Токму тоа против што сега СДСМ работи со своето дејствување, под плаштот дека бараат слобода и демократија.

Или земете трет пример. Упорно ја тераат тезата дека државата е презадолжена и само што не пукнал балонот. Едно исто зборуваат ваќе 10 години. Според податоците на Европската статистичка агенција, Еуростат, државниот долг изнесува 36.8 отсто, а Македонија е меѓу петте најмалку задолжени земји во Европа. И што сега? Наместо да се засрами, тој и неговите продолжуваат со истата реторика. Веројатно мислат дека народот ништо не разбира и дека сто пати повторената лага ќе почне да се перципира како вистина.

Со евтини штосови и лажни ветувања не се станува премиер. Особено ако си прочитан, како Заев.

Т: Спомнавте дека многу луѓе почнаа да си ги повлекуваат депозитите од банките. Вие сте и економист и ја водите владејачката партија. Што би им порачале на граѓаните?

– Да не наседнуваат на вакви лаги и шпекулации. Ниту девалвација ниту што било негативно нема да им се случи на нивните штедни влогови. Само што ако одат по умот на СДСМ ќе си загубат дел од каматите кои требало да ги добијат и се изложуваат на ризик од кражби ако парите ги чуваат дома во готовина.

И нека сметаат на тоа, дека пред секои избори СДСМ ќе се труди да создаде ваква психоза. Оти за тоа ги бидува, а за работа, реформи, проекти, идеи за подобар живот, програма и слично се табула раса.

Дури и во десет пати полоша криза од оваа, државата и Централната банка имаат механизми да менаџираат со предизвиците и да не дозволи ниту девалвација, ниту под прашање да се доведат заштедите на граѓаните. Јас бев министер за финансии за време на конфликтот во 2001 година. Во земјата имаше вистинска војна. Бев премиер во време на најголемата светска финансиска криза во последните 80 години, и веднаш потоа европската должничка криза, кои имаат директно и силно негативно влијание на нашата економија.

Ние тогаш не дозволивме да дојде до такво нешто, а камоли сега со 2 илјади дебело платени луѓе, кои ги бојадисуваат зградите и спомениците и се замислуваат дека прават некаква револуција.

Т: Сакате да кажете дека сите што протестираат тоа го прават за пари?

– Не се сите. Но една третина до една половина се дебело платени од организаторите, главно НВО. И тие се најголем дел од агресивните. Тоа се луѓе што не само што се платени, туку живеат од тоа плаќање. Големи пари се трошат за сето ова. Останатите се мешавина од активисти на СДСМ кои доаѓаат по партиска задача на секој можен протест против нас.

Понатаму, има т.н. хејтери или мразачи, кои се на секој протест и го мразат секого што е на власт, бидејќи причините за своите лични неуспеси ги бараат кај власта, а не кај себе и во своите грешки и такви има во секое општество. Има и луѓе што наивно веруваат дека набрзо ќе дојде на власт СДСМ, па мислат да фатат некаков приклучок, да ги видат, заради остварување на некој нивен личен интерес.

Има и неуспешни поранешни функционери кои во секој проект на Владата ја препознаваат својата неуспешност и безидејност, па вака си лекуваат лични фрустрации и се надеваат пак на функција ако победи СДСМ.

Секако дел се реално незадоволни граѓани заради некои грешки и пропусти на власта. И тие се главната причина зошто секој таков протест внимателно го анализираме за да извлечеме некоја порака или поука од нив и да корегираме некое наше работење или однесување кон подобро.

Т: Во предизборниот период, кој се прекина со одлуката на уставниот суд, најавивте повеќе нови проекти кои требаше да се дел од вашата изборна кампања и програма. Што ќе биде со нив? Ќе се реализираат или ќе ги чекаат изборите?

– Да, имавме објава на 40 нови проекти за младите луѓе, пет нови и многу крупни за земјоделците, субвенциите за греење на пелети наместо на дрва и плановите, но и постапките за градба на гасоводите во делот на екологијата и повеќе други од различни области, како на пример, според квалитетот, формирање елитна математичка гимназија, градба на општа гимназија во општина Аеродром, проектот „Купи куќа за млади“ и повеќе други.

Сите тие ги креиравме заедно како тим во партијата и тие беа само еден многу мал дел од целата програма што ја подготвивме. За оние проекти кои веќе ги најавивме веќе министрите во Владата ги почнаа процедурите, направија акциски планови и започнаа подготовки. Некои од нив и веднаш се реализираа како бесплатниот јавен автобуски превоз за студенти или, на пример, средношколската среда или можностите за бесплатно возење на студентите со воз двапати месечно во викендите и слично.

За 150 игралишта за кошарка, Агенцијата за млади и спорт веќе работи на плановите и проектирањата. Почна процедурата и за поставување на справи за фитнес на отворен простор во 28 населени места. Имав можност да го видам проектот, и тие се навистина  квалитетни справи.

Во напредна фаза е јавната набавка за градба, односно на отворениот римски театар во Скупи во Карпош, кој ќе стане место каде што ќе се собираат многу млади луѓе на многу музички, театарски и други уметнички и настани од забавен карактер. При крај е правењето на првите две подвижни бини за плоштадите, од вкупно 6 кои се најавија за секоја година по две. Слично е и со другите проекти за младите што ги најавивме.

Во делот на земјоделието, како што беше најавено, од 2017 година ќе започнат субвенциите од 80 отсто за системите капка по капка и бунарите, кои на земјоделците ќе им го зголемат приносот за најмалку 50 отсто кај некои култури, до 300-400 отсто кај други култури, а со тоа значително ќе им ја зголемат и заработката.

Истото важи и за новонајавените 80 отсто субвенции за набавка на високоприносен добиток за оние земјоделци што се занимаваат со одгледување добиток, што исто така значително ќе им ја зголеми заработката.

Се работи и на законски измени за формирање на можноста за земјоделски советници, по методологија што ја опишав на прес-конференцијата, а се направи и акциски план за реализација на мега проектот за градба на современ, модерен, по принцип на холандските, откупен центар за земјоделски производи во Македонија.

За проектот „Купи куќа на село“, исто така, се подготвуваат законските измени за да проектот биде овозможен.

Т: Кога го спомнавте овој проект, до каде сте со оној проект „Купи куќа за млади“?

– Турбо се работи на проектот „Купи куќа за млади“, кој веќе законски е возможен и веќе ги имаме првите корисници на овој проект кој на многу млади луѓе ќе им помогне да си купат куќа со огромна поддршка на државата, шанса што ретко каде некогаш воопшто ја имало.

Да потсетам со овој проект ќе се овозможи екстра поволен кредит и во висок износ ќе се субвенционира градба на куќа на млади луѓе до 35 години. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ работат на создавање поголем број нови парцели за градба на куќи, а од средствата на Владата ќе им се помогне во градбата на комуналиите во најголем дел од износот што им е потребен за градба на инфраструктурата во новите населби кои ги предвидуваат со најмалку 100 локации за куќи во нив.

Во колосек се ставени и другите најавени проекти. Од 2017 година ќе почне да функционира и проектот за замена на печките за греење на дрва, со нови на пелети, каде што до 70 отсто ќе се субвенционираат  и за ова се работат нацрти на законски измени. Ќе следуваат и намалувањата на ДДВ за овие печки и за самиот потрошен материјал – пелети.

Во тек се и тендерските постапки за градба на примарниот гасовод до Штип, до Неготино, од Скопје до Гостивар и од Неготино, преку Прилеп до Битола како прва фаза од проектот. Гасоводот кон Штип треба да заврши со градба следниот месец.

Со градоначалникот на Аеродром веќе се утврдува локацијата за општата гимназија по што ќе започнат подготовките за идеен проект и урбанизација на детален урбанистички план. Бирото за развој на образование веќе ја конципира новата елитна математичка гимназија.

Кратко кажано, сè што е ветено, независно што се одложија изборите, ќе биде исполнето во роковите што се кажаа, а кога ќе се објави новата програма ќе се види дека сево ова е само мал дел од големиот план и визија на ВМРО-ДПМНЕ за развој на Македонија и поддршка на нејзините граѓани од сите делови на земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.