Груевски: Ми беше ветена заштита доколку станам соработник на СЈО и дадам поддршка за договорот со Грција

Поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, речиси два месеци е во Будимпешта, каде доби политички азил од Владата на Унгарија. Во јавноста секојдневно се шпекулира каде Груевски престојува и што тој прави во Будимпешта. Се пишуваше и говореше дека тој престојувал во елитен хотел, македонски медиуми го бараа и во вилата на премиерот Виктор Орбан. Во разговор за порталот „Инфомакс“ лице блиско до Груевски вели дека тој престојувал кај пријатели во Будимпешта како гостин, а дека само првите два- три дена бил во хотел.

Тој наведува и дека Груевски разгледувал неколку апартмани кои се изнајмуваат, но засега бил задоволен од моменталниот престој, а пријателите го убедувале да остане што подолго кај нив.

Груевски од главниот град на Унгарија ги демантирал наводите на неговите политички противници дека тој избегал од правдата, тој коментирал дека решил да избега кога судот ги погазил сите можни принципи и закони, а и по добивањето на информации според кои се подготвува негова ликвидација.

Поранешниот македонски премиер потенцирал дека не само што нема ни предмет во кој е обвинет за корупција, туку јавно се знаело дека е осуден за влијание да се набави блиндирано возило, а во него покрај странските гости, сакал и тој некогаш да биде превезуван.

Од каква правда сум избегал кога никогаш не сум отсуствувал од рочиште во суд, заминав кога судот ги погази сите можни принципи и закони и ми упати покана за 2 годишен затвор за нешто каде воопшто немам никаков прекршок, па по добивање на информации според кои се подготвува моја ликвидација во затворот решив да заминам за да привремено се засолнам, порачал Груевски од Будимпешта.

Груевски коментирал и дека немало да дојде до ништо вакво доколку ги прифател понудите од СЈО и да даде јавна поддршка за договорот со Грција. Како што вели тој надвор од работното време бил повикан во обвинителството на Јанева, каде му било понудено да стане нивни соработник и како што вели тој да им помогне невини луѓе да станат виновни, а во прв ред Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Гордана Јанкуловска и уште 2-3 други лица, со давање до знаење дека СЈО на секој начин ќе го заштити него.

Тој посочил и дека минатото лето и непосредно пред неговото заминување во ноември, имал конкретни понуди поврзани со негова јавна поддршка за договорот со Грција или евентуално негово убедување и обезбедување неколку пратеници да гласаат за промената на Уставот, тоа од Груевски било одбиено.

Поранешниот премиер ги демантирал и наводите дека премиерот Зоран Заев му помогнал да избега, велејќи дека тој него би го удавил во капка вода, а не пак да му помогне да ја напушти државата.

Груевски за притворите на Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Сашо Мијалков коментирал дека од авион се гледа дека се политички нарачани и мотивирани, велејќи дека процесот кој Заев го нарече помирување не може да го има преку реализирана уцена на политички прогонети и невини луѓе.