Груевски: Направивме многу за напредокот на Гевгелија, Франгов е гаранција дека ќе продолжи и во иднина

Уште еднаш да се потсетиме каде бевме и каде сме сега, за да бидеме сигурни на каде одиме. Нашата најважна цел во изминатиот период беше намалување на невработеноста и отворање на нови работни места, ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вечерва од централниот митинг во Гевгелија.

„Невработеноста во општина Гевгелија во 2006 година изнесувала 3.032 невработени лица, а кон крајот на 2016 година оваа бројка изнесува 1.130 лица и истата се намалила за 62 проценти. Се изгради нова Автобуска станица со што Гевгелија доби нов транспортен центар кој ги задоволи потребите за автобускиот сообраќај. Изграден е нов Градски пазар. Инвестиравме 1,2 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта: Понов мост– Богородица, патот за Ума во два дела, патот Негорци–Серменин. Извршивме комплетна реконструкција на пругата Миравци-Смоквица во должина од 12 км. Завршено е осветлувањето на државниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, инвестиција вредна над 23 милиони денари. Се направи доуредување на Западниот Булевар-Гевгелија, потенцираше Груевски.

Додаде и дека во Гевгелија се изгради фекална канализациска мрежа за населените места Прдејци и Мрзенци во вредност од преку 540 илјади евра. Исто така, изградени се канализациони линии во село Моин и Давидово. Се направи атмосферска канализација на повеќе улици од кои би ги спомнале: Кочо Рацин, Серменинска, 7 Ноември и други. Се направи одводен канал за атмосферски води во Негорци. Се направи доизградба на одводниот канал Рауљ, како и санација на дел од коритото на Сува Река и Мрзенска Река.

„Извршивме целосна реконструкција на Психијатриската болница во Негорци во вкупна вредност од околу 14 милиони денари. Набавена е најсовремена медицинска опрема за Општата болница во Гевгелија. Доделени се две возила за потребите на Итната медицинска помош. Извршена е обнова на повеќе одделенија во Општата болница. Се направи реконструкција, асфалтирање и изградба на атмосферска канализација на улицата „Ѓорѓи Стамов”. Фекална канализација на улицата „Гоце Делчев”. Се направи водоводна линија, фекална и атмосферска канализациона линија на продолжениот дел од Булевар Гевгелија. Извршивме и санација на оштетено крило на мостот на Конска Река. Се направи и асфалтирање и реконструкција на најоштетените улици во Богородица. Асфалтирана и проширена е главната, влезната улица во село Моин, асфалтирани се улиците 11-ти Октомври, Ристо Јанев, Коле Неделковски, Иво Лола Рибар, Партизанска. Изградивме спортска сала во основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Миравци. Изградивме повеќенаменско игралиште, фудбалско игралиште, фитнес зона и 2 тениски терени во Општина Гевгелија. Се изгради нова детска градинка во населено место Богородица, се изгради и оној крак од автопатот кон Скопје помеѓу Смоквица и Демир Капија, а тоа што не го пуштаат оставаме на нивна чест“, рече Груевски.

Ги најави и новите проекти за Гевгелија како и дека продолжуваат да ја следат нашата патека, со наша целосна поддршка, со истата љубов и посветеност како првиот ден.

„Искрено верувам дека изборите на 15 октомври ќе завршат со најдобрите резултати за нашата Македонија. Нашиот народ ќе дојде до соодветни услуги, услуги какви што заслужува. Новата ера за Гевгелија носи многу нови проекти од програмата. Со цел обезбедување на дополнителни количества квалитетна вода за пиење во регионалниот водовод ветуваме дореализација и конечно завршување на започнатиот проект за изградба на новиот водоснабдителен систем во Гевгелија! Планираме уредување на рекреативно излетничкото место “Динќут”. Ќе се изврши доизградба на 14 училници во средното училиште “Јосиф Јосифовски”. Потоа доизрадба на 8 училници во основното училиште „Владо Кантарџиев“. Ќе се направи и замена на азбестен покрив во основното училиште „Ристо Шуклев“ во Негорци. Се планира изградба на сала за ученички приредби и други манифестации во основното училиште Крсте Мисирков, како и кровна реконструкција на основното училиште Св. Климент Охридски во Миравци. Инфраструктурно ветуваме: доизградба на Западен булевар и негово поврзување со Моински пат; регулација на Сува Река со изградба на Јужен булевар; потоа реконструкција на регионалниот пат Миравци-Удово, како и подобрување на сообраќајното поврзување на Давидово, Миравци и Милетково со автопатот. Планирана е изградба на времена депонија за отпад во Гевгелија до реализацијата на проектот за изградба на Регионална санитарна депонија. Предвидена е изградба на канализациона мрежа во Милетково, Смоквица, Кованец, Петрово, Ново Конско. Изградба на улици и тротоари во сите урбани блокови каде што општината има донесено детален урбанистички план“, вели Груевски.

Вети и реконструкција на Градскиот Стадион и изнаоѓање на локација за изградба на уште едно ново фудбалско игралиште во Гевгелија.

„Планираме изградба на повеќенаменско спортско игралиште до новиот пазар. Ветуваме реализација на проектот за изградба на Градскиот плоштад во Гевгелија како и изградба на рекреативни патеки покрај Вардар. Предвидуваме уредување и изградба на детски игралишта и забавни паркови на површините предвидени за таа намена кои се наоѓаат покрај колективните станбени објекти. Исто така, во Миравци на просторот околу старата полициска зграда ќе се направи забавен парк. Планираме формирање на институција градски театар и создавање на театарска група. Планирана е рекунструкција на внатрешноста на Пионерскиот дом во Гевгелија и продолжуваме со реконструкција на домовите во Моин, Петрово, Смоквица, Прдејци и Богородица“, изајви Груевски.

Додаде дека гаранција за сето ова дека ќе се исполни е Иван Франгов, човек кој добро го познавате и со кој сте на сигурно, проверено е, човекот направи многу работи за Гевгелија, со многу љубов и ентузијазам ќе продолжи да работи. Заедно со носителот на советничката листа Андон Сарамандов, се добитничката комбинација која ќе направи многу за Гевгелија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.